242 медиуми сакаат да објавуваат политички реклами за изборите

Во Регистарот на медиуми кои ќе даваат услуги за платено-политичко рекламирање на претстојните парламентарни избори ќе бидат впишани 242 медиуми, од кои 159 се портали, 39 се радио-станици, 32 се телевизии и 12 се печатени медиуми, информираат од Државната изборна комисија (ДИК).
Македонските медиуми беа должни до 21 февруари да достават и ценовници за платено политичко рекламирање за предвремените парламентарни избори. Медиумите кои не се регистрираа во Регистарот на медиуми на ДИК, нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање за изборите 2020 година, а кои се обезбедени од буџетот.
Воедно, ДИК го објави ценовникот по кој ќе се плаќаат предизборните објавувања на партиите во медиумите. Според измените во Изборниот законик, највисоката цена што медиумите можат да ја наплатат за платено политичко рекламирање не може да биде повисока од просечната цена постигната во минатите пет изборни циклуси.
Новиот начин на функционирање на платеното политичко рекламирање во предизборието наиде на негативни реакции од експертите и од самите медиумски куќи во земјава.
Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиуми, посочи дека цената на рекламниот простор во медиумите не треба да се ограничува. Воедно, тој потенцира дека предизборното политичко рекламирање во медиумите со јавни пари е целосно неприфатливо и не може да се оправда на ниту еден начин.
Телевизиите први реагираа на објавениот ценовник од ДИК. Менаџментот на македонските телевизиски куќи обвини дека ДИК им наложува ниски цени на медиумите, не земајќи ја во предвид гледаноста на секоја поединечна телевизиска куќа и разликите во цените за емитување реклами во ударните часови наспроти останатото време на емитување на телевизиската програма.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.