Четири телевизии ја тужат ДИК, незадоволни од цената за платено политичко рекламирање

Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма поднесоа тужба за поведување на управен спор против Државната изборна комисија (ДИК) пред Управниот суд поради одлуката за утврдување на просечно постигнатата цена и најниската цена за платено политичко рекламирање за последните пет изборни циклуси. Македонските национални телевизии се незадоволни од цената по која ќе треба да ги емитуваат предизборните реклами на партиите за претстојните избори на 12 април.

Според измените во Изборниот законик, највисоката цена што медиумите можат да ја наплатат за платено политичко рекламирање не може да биде повисока од просечната цена постигната во минатите пет изборни циклуси. ДИК утврди дека просечно постигнатата цена изнесувала 1,83 евра или 112,72 денари за една секунда рекламен простор, што предизвика незадоволство кај националните телевизии.

Во поднесената тужба од нивна страна пред Управниот суд се наведува дека одлуката на ДИК за утврдување на просечно постигнатата цена е нејасна и недозволена, а како таква не може да се применува.

„При донесување на нападнатата Одлука на штета на тужителите законот не е правилно применет поради што се предлага на насловниот суд да ја уважи тужбата на тужителите како основана и да донесе Пресуда со која ќе ја поништи Одлуката број 10-476/1 од 16.01.2020 година на тужениот орган Државна Изборна комисија и предметот ќе го врати на повторно постапување пред тужениот орган“, се посочува во поднесената тужба од четирите телевизии.

Телевизиите уште пред 20-тина дена реагираа дека ДИК не треба да се занимава со ценовниците по кои политичките партии ќе се рекламираат во предизборната кампања за претстојните парламентарни избори. И претседателот на Центарот за развој на медиуми, Дејан Георгиевски посочи дека ДИК не треба да го одредува ценовникот за рекламен простор за платеното политичко рекламирање, бидејќи станува збор за тело кое не е упатено во начинот на кој функционира рекламната индустрија.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.