Контраспин: МРТ ќе има помал буџет за 5 до 7 милиони евра!

Со парцијалното, итно поднесено и усвоено законско решене за укинување на радиодифузната такса од страна на СДСМ, јавниот радиодифузен сервис ќе има многу помалку пари и ќе биде уште помалку ефикасен од досега. А, клучен дел од медиумските реформи беше реформата на МРТ

Пишува: Теофил Блажевски

 

Спин: Идејата е , со оглед на тоа што граѓаните РМ со давачките, со даноците го полнат буџетот на РМ, многу логично е овие пари да бидат најдени, во сличен износ онака како што беа планирани да се соберат од радиодифузната такса во буџетот на РМ…Ова е начинот кој што ние го предлагаме за – прво, да се обезбедат средствата, ова се цирка 67 проценти од вкупните средства кои ги прибира јавниот радиодифузен сервис; второ, да ги ослободиме граѓаните од една неприродна давачка…и трето, да се зголеми ефикасноста и во наплатата и во работата, функционирањето на радиодифузниот сервис…

[Извор: СДСМ-веб страница, говор на пратеникот Т. Тунтев во Собранието на РМ (од 2.30-4.00 мин.) , датум: 19.09.2017]

 

Контраспин: Пратеникот Томислав Тунтев од владејачката партија СДСМ, како еден од предлагачите на Законот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по скратена постапка, кој беше усвоен во Собранието на РМ на 19.09.2017 година, во образложението искажа ставови, од кои дел ги оценуваме како извртена вистина, односно спин.

Тие, пред сè, се однесуваат на тоа колку вкупно ќе се собереле средства во МРТ со буџетското финансирање на годишно ниво и за ефикасноста во работењето на МРТ. Во однос на првото прашање, ќе го цитираме текстот од образложението во сега веќе новиот закон:

За спроведувањето на предложеното изменување на законот е потребно да се одвојат 885 милиони денари на годишно ниво од Буџетот на Република Македонија за 2018 година, односно 0,5% од вредноста на Буџетот на годишно ниво. (целиот текст можете да го видите на овој линк)

Оваа бројка, ако се земе среден курс од 61,5 денари за евро, значи дека од Буџетот на РМ за радиодифузната дејност, значи не само за МРТ, ќе бидат одвоени околу 14,4 милиони евра. Според старото, но и новото законско решение, овие средства се делат по следниот принцип: МРТ добива 74,5 отсто, Македонската радиодифузија 19,5 отсто, а остатокот од 6 отсто оди за Агенцијата за медиуми (ААВМУ). Тоа значи дека МРТ ќе добие околу 10.7 милиони евра! А оваа сума секако дека не е „цирка 67 отсто од досегашните средства“ што се прибирале во МРТ преку РДТ и преку други основи, туку споредено со минатата година некаде околу 55 отсто!

На уште еден момент треба да му се обрати внимание кога станува збор за горниот извадок од образложението на овој закон. Имено, ако 885 милиони денари претставуваат 0,5% од буџетот за идната година (од каде и чија е оваа проекција не е јасно), тоа значи дека буџетот во 2018 ќе изнесува 177 милијарди денари за разлика од овогодишниот проектиран од 187,6 милијарди денари. Ова значи дека идната година буџетот ќе биде понизок за 10,6 милијарди денари, што значи 50,3 милиони денари (околу 860 илјади евра) помалку за радиодифузијата. Ова, исто така, значи и дека процентот ќој ќе биде одвоен идната година за оваа област ќе биде под 0,45% од буџетот според овогодишните проектирани износи.

 

МРТ ИМАШЕ МНОГУ ПОВЕЌЕ ПАРИ СО РАДИОДИФУЗНАТА ТАКСА

Ако ова се спореди со буџетите што ги имала МРТ неколку години наназад, а кои можат да се видат и од нивните годишни извештаи и од податоците на Управата за јавни приходи, каде се следи наплатата на РДТ (во анализата на следниот линк), се доаѓа до несоборлив факт дека МРТ во 2018 (веројатно таа констатација ќе се однесува и на период до крајот на годинава), ќе има помал буџет од најмалку 5 милиони евра, а најверојатно таа бројка ќе се движи некаде околу 7 милиони евра.

Ова е така зашто само минатата година, која не се смета за најуспешна во буџетирањето на МРТ, преку факторите РДТ, пари од Владата по разни основи и остварен приход од реклами, МРТ имала над 19 милиони евра за 2016 година. Од тоа, по сите основи, значи и со присилна наплата, само од РДТ, јавниот сервис имал приход од околу 14 милиони евра (13,85 мил.) во 2016 година. Со таа ставка буџетот на МРТ, заедно и со другите приходи, во 2016 стигнал до над 19,3 милиони евра.

Сега таксата се укинува, МРТ е оставена на директно буџетско финансирање од 10,7 милиони евра, а за утеха ѝ е оставено да остварува приходи од продажба на програма (не е јасно дали ѝ се укинува приходот од реклами) и други услуги. Но, тоа се трошки, зашто само за 2016 година, по сите овие основи – отстапени права во земјата и странство и продажба на реклами, МРТ остварила околу 1,3 милиони евра. На пример, кај рекламите планирале приход од околу 1,4 милиони евра а оствариле 700 илјади, што не мора да се должи и на неспособност, туку на сè помалиот маркетиншки колач во земјата за што сведочат сите приватни радиодифузери.

Па така, ако се земе и претпоставката дека во 2018 година МРТ повеќекратно ќе го зголеми приходот од продажба на програма и од отстапување на ТВ права, повторно не може да се смета за некоја бројка поголема од еден до два милиони евра. Со тоа, вкупниот буџет на МРТ не би надминувал 13 милиони евра, што е за околу 6 милиони помалку од 2016 г., а дури за околу 10 од најдобрата буџетска година на МРТ -2013 година.

 

КАКВА Е ТАА EФИКАСНОСТ БЕЗ ПАРИ, ЛУЃЕ И ТЕХНИКА?

Кога се зборува за ефиканоста на МРТ што ќе се зголемела, како што милува да каже пратеникот Тунтев, треба да се напомене дека МРТ има огромни кадровски и технички проблеми во својата работа. Има над 800 вработени, но старосната и образовната структура се доста неповолни (по некои податоци просечната возраст е над 50 години) и тоа се одразува и на програмата, особено информативната. Дополнително трпат и програмите на другите јазици (вкупно 6 од кои Вториот програмски сервис на албански јазик ќе емитува 24 часовна програма) , бидејќи има премалку екипи со сниматели и друга техника неопходна да се реализира програмата.

Сето ова ѝ е познато и на пратеничката група, на раководството на СДСМ, на Владата и надлежното министерство – МИОА. Од МИОА во август годинава упатија на финална јавна расправа предлог-законот за измена на ЗААВМУ, каде што процентот на буџетско финансирање за радиодифузијата беше 0.7 отсто. Претходно испратените укажувања на новинарите и на новинарските здруженија, кои освен писмено и усно му беа презнетирани и на премиерот Зоран Заев уште во средината на јуни оваа година, на 7.септември беа повторени во форма на забелешки на предложената верзија за измени на ЗААВМУ.

Но, наместо да се поднесе и да се дискутира за таа верзија, во Собранието се појави предлог-законот на Тунтев и на други пратеници (бил поднесен уште во август!), во кој има само една суштинска измена – финансирањето на радиодифузната дејност. Со усвојувањето на овој закон, секако дека е исполнет зборот, како што гласи мотото на СДСМ – таксата е укината, но со надместокот од само 0.5 отсто од годишниот буџет нема никакви услови ни за развој на радиодифузијата, ниту за развој или ефикасност на МРТ.

Од друга страна, неподелена е оценката во експертската јавност, дека клучен приоритет за медиумските реформи е МРТ. Впрочем, тоа се барањата и на ЕУ и на европскиот експерт Рајнхард Прибе. И во 2015-година и во најновиот извештај од јули 2017 година.

Таму, на пример, Прибе за МРТ препорачува:

Мора итно да се обезбедат соодветни средства за да се засили нејзината независност и за да се овозможи ефикасно работење и управување. (извор: META)

Поради сè погоре изложено, ставовите на пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев, дека ќе се обезбеделе 67 отсто од досегашните приходи на МРТ и дека ќе се зголемела ефикасноста во нејзината работа, ги оценуваме извртена вистина, односно спин.