Локалните медиуми пред изумирање, состојбата со новинарите загрижувачка

Состојбата со локалните медиуми во Велес е загрижувачка и потребни се низа мерки за нејзино подобрување со цел граѓаните на општината, но и на регионот да не останат без ревантни, објективни и професионално изработени информации од локален карактер. Ова е заклучокот од работната средба што претставници на ССНМ ја имаа со дел од новинарите и медиумските работници во Велес.
„На средбата се зборуваше за лошите услови во кои работат дописниците и новинарите во локалните медиуми, како и за тоа дека во последните години бројот на медиумски работници постојано се намалува. Како главни проблеми кои ги истакнаа локалните новинари се лошите пазарни услови за работа на медиумите, немањето простор за работа на дописниците, што порано било пракса, ниските плати и хонорари, како и недостатокот на поддршка од бизнис-заедницата. Присутните новинари и медиумски работници особено истакнаа дека локалните медиуми на некој начин се пред изумирање, и додаваат дека е потребно да се најде некој модел, систем на финансирање на локалните медиуми, бидејќи нивното постоење е од големо значење за локалните заедници и за граѓаните кои во спротивно би останале без значајни информации од локален карактер,“ се вели во соопштението на ССНМ.
ССНМ ги претстави можностите и бенефициите кои им следуваат на членовите, како и начините и алатките кои на Синдикатот му стојат на располагање за подобрување на условите за работа, а со тоа и на квалитетот на новинарскиот производ.
Претставниците на ССНМ истакнаа дека само со солидарност и масовност може да се направат промени за подобрување на ситуацијата.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.