Македонско истражувачко новинарство: На работ на квалитетот и опстанокот

Истражувачко новинарство во македонските традиционални медиуми речиси и да нема. И тие малку стории што се објавуваат годишно ги има претежно во онлајн медиумите и се финансирани со странски донации. Телевизиите, радијата, весниците и дел од онлајн медиумите се претворени во слепи пренесувачи на дневните настани произведени од комуникациските стратегиии на државните институции, политичките партии и на невладиниот сектор.
Новинарите што ги следат овие настани многу ретко поставуват прашања по презентираните ставови на претставниците на јавниот и политички живот. Новинарските извештаи се сведуваат на „рекла-казла“, без агол на известување и без да се навлезе во суштината на прашањата за кои информираат.

Поради ваквото сивило во македонските медиуми, Европската комисија во извештајот за напредокот на Северна Македонија во 2019 година, истакнува дека само 2 отсто од вкупно објавените новинарски стории во македонските медиуми во 2018 година, се – истражувачки.

Состојбата со квалитетот на известувањето на медиумите била уште полоша во 2017 година, кога истражувачкото новинарство било застапено со само 0,8 отсто. Овој податок е извлечен од „Анализата на резултатите од мониторингот на известување на медиумите во 2017 година“, спроведено од Центарот за граѓански комуникации и НВО Инфоцентар.

Од анализата произлегува дека мнозинството аналитички-истражувачки стории се објавени во печатени медиуми, а помал дел на телевизиите. Околу 25 отсто од сториите биле посветени на економски теми, а во 23 отсто се третирале политички прашања.

Ем се малку, ем не се квалитетни

Чудно е што и кога има истражувачки стории во традиционалните медиуми тие избегнуваат да ги најавуваат во насловните страни или во најавите на вестите. Така, во 47 отсто случаи истражувачките стории во овие медиуми воопшто не се најавуваат. Од вкупните објавени истражувачки стории во весниците, само 24 отсто од сториите се најавуваат на насловната страница, додека од нив само седум отсто на насловната се проследени и со мал текст. Од објавените истражувачки стории на телевизиите, само 22 отсто се најавени во почетокот на вестите.

Освен малиот процент на застапеност на истражувачките стории во вкупната медиумска содржина и несоодветниот начин на презентирање на јавноста, овој вид новинарство пати и од други слабости. Така на пример, во над 55 отсто од објавените стории не е консултираната засегнатата страна, во 40 отсто од случаите ја има само едната страна во приказната, а само во една третина од е почитувано основното новинарско правило да се слушне гласот на двете страни.

На истражувачките новинари кај нас, во најголем дел, извори во изработката на нивните стории им се државните институции, следат експертите, а во помал процент го има и граѓански сектор.

За отсуството на истражувачкото новинарство во македонските медиуми гласно зборуваше и европскиот експерт, Рајнхард Прибе, кој во оценките и препораките за владеењето на правото во Македонија објавено во 2017 година, посочува дека постои перцепција дека истражувачкото новинарство генерално не се применува поради стравот и отуството на ресурси и на новинарски вештини.

„Истражувачкото новинарство често пати не е приоритет и често се опструира од властите, со што ги спречува граѓаните да имаат пристап до веродостојни, плурални и објективни информации“, се истакнува во оценката и се додава дека постојат извештаи дека новинарите тешко пристапуваат до информациите од јавен карактер и до носителите на одлуки.

Поради тоа, Европската комисија им препорачува на македонските власти да продолжат да го поддржат плурализмот во медиумите и да промовираат професионално и објективно известување, како и истражувачко новинарство. Освен тоа се бара и воспоставување на ефективен систем за борба против дезинформациите.

За истражувањето на корупцијата треба време и ресурси

Претставниците на новинарските и медиумски организации се едногласни во оценката дека истражувачкото новинарство во македонските медиуми е многу малку застапено.

Директорот на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски, смета дека истражувачкото новинарство е „загрозен вид“ во медиумите.

„Мислам на оние истражувачки стории кои обработуваат теми поврзани со корупција на високо ниво, злоупотреба на власт како и организиран криминал, а кое се темели на сериозни аргументи и факти поткрепени со анализи за кои често треба и долго време и ресурси за да се изработат“, објаснува Секуловски и  додава дека за ваков вид новинарство отсуствува и отвореноста на институциите.

Тој смета дека квалитетно новинарство има во помали популарни онлајн медиуми, но понекогаш и во приватни продукции, што објавуваат во традиционалните медиуми.

„На нашите новинарски награди речиси секоја година се присутни истите медиуми и продукции што говори дека нивниот број е мал. Има квалитет и интересот на јавноста за овој вид на новинарство е голем“, оценува директорот на ЗНМ.

Според него, новинарите што се занимаваат со овој жанр на новинарство се ретки, а особено младите истражувачки новинари, кои можат буквално да се избројат на прсти.

„Ова не треба да биде изненадување земајќи предвид во каков амбиент работат овие новинари. Тие се повеќе изложени на притисоци и закани и обично работат во мали редакции. Често се финансирани од странски донатори со што до некаде се гарантира финансиската независност, но не и финансиската одржливост“, вели Секуловски.

Истражувачкото новинарство во медиумите се финансира од странски донатори

Директорката на Македонскиот институт за медиуми, Билјана Петковска, вели дека кај нас има одлични истражувачки тимови и желба за производство на новинарски истражувања. Порано ги имало во весниците, додека сега добрите истражувања се преселени главно на интернет порталите  и на телевизиите. Петковска смета дека во минатото тие истражувања биле плод на автентичен редакциски ангажман, со финансиска подршка од самите редакции, додека после затварањето на МПМ истражувачкото новинарство во медиумите се финансира од странски донатори.

„Сепак, и понатаму, бројот на добри новинари-истражувачи кои продуцирааат квалитетни стории е значително мал, а овој вид новинарство не се негува системски. Речиси сите се финансираат преку донации од странство, а редакциите воопшто не одвојуваат сопствени средства за истражувања“, истакнува Петковска.

Според неа, со мали исклучоци, во сториите што се пријавуваат како истражувачки, почесто се реагира на афера отворена од други институции, отколку што е резултат на самостојно новинарско истражување. Уредништвата немаат средства и волја да произведат вакви стории во услови кога остуствува институционална поддршка, а има проблеми и со пристапот до информации од јавен карактер.

Во време на лажни вести, истакнува Петковска, истражувачкото новинарство добива уште поголемо значење и му дава смисла и вредност на новинарството на новото време.

„Неопходно е нашите медиуми,  а особено јавниот сервис, повеќе да вложуваат во овој новинарски формат, меѓу другото и за да покажат дека јавниот интерес, а не приватниот интерес или оној на владејачките елити, го дефинира нивниот медиумски интегритет“, истакнува директорката на МИМ.

Институтот, како придонес за развојот на истражувачкото новинарство има воведено годишна награда за овој вид на известување и редовно организира обуки и обезбедува средства за истражувачките новинари.

Медиумите повеќе водат сметка за комерцијалниот, отколку за јавниот интерес и демократијата

И Ана Блажева од Институтот за општествени и хуманистички науки, има впечаток дека истражувачкото новинарство кај нас постои само благодарение на меѓунаородни донатори, но не како вложување на медиумите.

„Добрите истражувачки стории најчесто се производ кој бил поддржан од некој проект, и како дел од заложбите на граѓанските здруженија, но не и како пракса во медиумите“, смета Блажева и додава дека само квалитетното новинарство може да одговори на современите предизвици како што се  лажните вести и зачувувањето на јавниот интерес.

Таа не располага со конкретни податоци за истражувачките стории во македонските медиуми, но има впечаток дека ваквите содржини се реткост во мејстрим медиумите.

Основна причина за отсуството на истражувачкото новинарство во мејнстрим медиумите е отсуството на кадар и пари во медиумите, кои повеќе водат сметка за нивнот комерцијален интерес отколку за јавниот интерес и демократијата.

„Спрегата на медиумите со политиката и бизнисот е суштинската пречка тие да имаат интерес да вложуваат во истражувачко новинарство и воопшто да работат во функција на јавен интерес и за развој на демократијата, Медиумите повеќе се ориентираат кон забава и проекти кои имаат за цел да ги задоволуваат плитките апетити на публиката, на сметка на квалитетни и разнородни медиумски содржини“, истакнува Блажева.

За жал, таа не очекува ниту МРТ да ја исполни мисијата како јавен сервис на граѓаните поради тоа што куќата е во очајна состојба како резултат најмногу на политичките интереси и лошите медиумски политики и менаџмент.  Во услови кога медиумите водат сметка само за нивниот комерцијален интерес, истражувачкото новинарство ќе биде препуштено на донаторска помош, која ќе финансира новинарски стории што го заштитуваат јавниот интерес.

Автор:Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.