Манчевски: Не прифативме политички пазар со ВМРО-ДПМНЕ за МРТ и ААВМУ

Со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, разговараме воопшто за спроведување на медиумските реформи, за застојот за избор на новите луѓе во Македонската радио телевизија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за намалување на нападите и тужбите против новинари како и за ефектите од субвенционирање на печатените медиуми.

Дали сте задоволни од спроведените реформи во медиумите?

– Во минатогодишниот извештај на Репортери без граници, Северна Македонија беше забележана како земја во кој е остварен најголем прогрес за слободата на медиумите во земјите од југоисточна Европа. Имаме напредок за 14 места и за 2019 година сме нотирани како држава која дава надеж за прогрес. Од овој аспект сум задоволен.

Задоволен сум што и во сите извештаи на релевантни организации и институции, особено Европската комисија и ОБСЕ, процесот на измената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше оценет како транспарентен и инклузивен. Впрочем затоа и траеше толку долго носењето на измената на овој закон.

Задоволен сум што воспоставивме и законски основи да имаме независен и професионален медиумски регулатор. Речиси сите забелешки од Извештајот на Прибе, Извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата држава, забелешките на мисиите на ОБСЕ/ОДИХР ги имплементиравме во законското решение.

Од аспект на трансформацијата од „лошото момче на Балканот“, како што впрочем бевме и опшишани во Извештајот на Репортери без граници објавен во 2017 година, во „држава што дава надеж“, за само две години сме добри.

Но, реформите особено во делот на јавниот радиодифузен сервис, не се спроведени. Причина за тоа се партиските интереси на ВМРО ДПМНЕ, кои инсистираат да продолжи политичкото „пазарење“ за медиумските реформи. Тоа не го прифатив и никогаш нема да го прифатам, па дури и по цена да почекаме уште малку. Ако потклекнеме пред барањата на темните сили од минатото, џабе е и нов закон и целиот напредок кој до сега го постигнавме. Знам дека е тешко. И знам дека многу луѓе очекуваа и побрзо. Ама, не се откажуваме и борбата продолжува.

Како што досега сум напоменал многу пати, нашата цел е медиумите сами да ги предлагаат политиките од оваа област. Оттука, кога се збори за реформа воопшто, треба да сме свесни дека фактички збориме за процес кој не прекинува. Накратко, секогаш можеме и повеќе и подобро.

Зошто не се реформира Македонската радио телевизија?

– И јас би сакал да ја дознаам вистинската причина. Со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги определивме јасни услови за професионализација и на Програмскиот совет на МРТ. Според овие услови, следниот состав на Програмскиот совет треба да биде составен од вистински професионалци, а не од партиски функционери и роднини на партиски функционери на ВМРО ДПМНЕ.  Како што напоменав и претходно, основите за реформите ги поставивме во законот. Согласно определените рокови во преодните одредби, МРТ требаше веќе да има нов Програмски совет на 1 јуни 2019 година, но тоа никогаш не се случи. Огласот за поднесување на кандидати за членови на Програмскиот совет се распиша и тука застана целата постапка. Не се одржа ниту една седница на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата во Собранието за разгледување на поднесените кандидатури. Со оваа комисија претседава Илија Димовски и целата процедура остана незавршена цели 10 месеци, а Собранието веќе се распушти. Со ова однесување, ВМРО ДПМНЕ сакаше да не седне на маса за да правиме партиски пазарења за медиумските реформи, без никакви критериуми и транспарентност. Се уплашија од транспарентниот начин на избор на членови на Државната комисија за спречување на корупција, каде не успеаја да ги протуркаат нивните партиски кандидати и затоа сега не дозволија истото да им се случи и за ААВМУ и МРТ. Зошто на таков начин граѓаните ќе видеа кого и што поддржува ВМРО ДПМНЕ. Како што веќе кажав, ниту прифативме, ниту ќе прифатиме политички пазарења на оваа тема. Изборот во рамки на Комисијата требаше да биде завршен на 27.05.2019 година, по што Собранието требаше да ги изгласа предложените кандидати до 01.06.2019 година. Заради овие околности во Собранието, ние до сега формално сè уште не ги знаеме вистинските состојби таму. Реформата на МРТ треба да произлезе од самиот радиодифузер. Не од нас. Не од ДПМНЕ. Не од било која власт. Самите треба да си постават цел и да го презентираат на јавноста нивниот план за реформа. За целосен ресет на МРТ.

Власта успеа да обезбеди 80 гласа во Собранието за законите за обвинителството. Зошто беше неможно да се обезбеди двотретинско мнозиство и за изборот на ново раководство на МРТ и во медиумскиот регулатор?

– Според законот, Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја спроведува целокупната постапка за избор во рок не подолг од 14 дена од истекот на рокот за пријавување на кандидатите. Она што сите веројатно го знаат, ама досега никој не го коментира јавно, е фактот што Комисијата за прашањата на изборите и именувањата во Собранието треба најпрво да ја заврши постапката во рамки на самата комисија, па да стигне предлогот на пленарна седница. Значи условот за да стигнеме воопшто да зборуваме за двотретинско мнозинство не е исполнет.

Очигледно е дека една од најважните работи за ДПМНЕ е да го задржи она што е останато од нивниот систем за контрола на медиумите. Затоа и се решија да го кршат законот, се со цел да ја здржат контролата на МРТВ.

Изборот во рамки на комисијата требаше да се случи на крајот на мај лани. Оваа комисија ја води ДПМНЕ и во истата СДСМ нема мнозинство. Повторно ќе нагласам, реформите не се докрај спроведени заради партиските интереси на ВМРО ДПМНЕ, односно остатоците од режимот во МРТ.

Зошто не се зголеми буџетот на МРТ согласно Законот за ААВМУ?

– Како што е наведено во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, скалестото покачување на проценти од буџетот што ќе се одвојува за јавниот радиодифузер, е доколку има доволно средства во буџетот за тоа.

Основна причина за тоа зошто не се зголеми буџетот, е што и покрај препораките од голем број на меѓународни и домашни релевантни институци за неопходноста од стратегија за реформа за јавниот радиодифузен сервис, моменталното раководство тоа сè уште не го направило. Владата одлучи дека во отсуство на волја и посветеност да се реформира јавниот сервис, во отсуство на стратешки документ со план за подобрување на состојбата и справување со големиот повеќегодишен долг, буџетот да го посвети на проекти кои се за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.

Граѓаните на крајот на денот треба да знаат за што се трошат нивните пари. Владата тоа го направи најтранспарентно со Отворениот буџет. Истото важи и за МРТ. Ако има можност во буџетот за да се потрошат над 25 милиони евра, граѓаните апсолутно мораат да знаат за што се трошат тие пари.

Со оглед на сегашниот рејтинг на МРТ, да бидам искрен и на мене не ми е јасно за што се потрошиле стотици милиони евра во претходниве 14 години.

Нападите на новинари последните три години драстично се намалени, меѓутоа старите напади никако да се расветлат. Дали лицата што напаѓаа новинари пред 2017 година, некогаш ќе одговарат за нивните недела?

– Ова е прашање кое треба да се адресира до Јавното обвинителство и надлежниот суд. Отсуството за постапување по поднесени тужби од страна на обвинителство за жал очигледно продолжува, но тоа е нешто врз кое Владата не може да влијае. Ова е уште една од причините зошто ни е неопходна реформа и во правосудниот систем.

Тоа што ние го правиме и што очигледно дава позитивни разултати е да обезбедиме слободен простор за работа на медиуите, без политички притисоци и уцени. За изолираните случаи кои завршиле во обвинителство ќе мора одговорноста за непостапувањето да се бара таму.

Европската комисија тврди дека во 2019 година кај нас се поднесени нови 12 тужби за клевета против новинари. Дали тоа се тужби што ваши функционери ги најавија после аферата „Рекет“?

– Навистина немам таква информација. Ќе мора за ова прашање исто така да се обратите до Обвинителството. Но, навистина не гледам причина за такво нешто и ќе ве упатам да не шпекулираме, туку да се обидеме да ги добиеме вистинските информации. Да ја повторам и вашата констатација дека во последните години драстично се намалија нападите врз новинарите. Покажавме и во случајот „Рекет“, дека законот важи за сите, без разлика за кого се работи. Сега на ред е судството конечно да покаже дека е на висина на задачата, не само во случајот „Рекет“, туку и во десетиците случаи кои произлегоа од нелегално прислушуваните разговори од страна на претходната власт.

Дали платена политичка пропаганда во медиуми со јавни пари за време на изборна кампања е своевидна замена на владиното рекламирање од времето на режимот на Груевски?

– Партиите се финансираат со јавни пари, односно од буџетот многу одамна. Конкретно, уште од 2005 година. Она што суштински се смени со измената на Законот за финансирање на политичките партии од 2018 година е тоа што се наметна обврска за јавно и транспарентно финансиско работење и контрола над работењето на политичките партии. Ова го пишува и во самиот закон. Дополнително, значително се ограничија можностите за донации во партиите, нешто што имаше третман на огромен потенцијал за корупција. Ако сакате да зборуваме за трошење пари за владино рекламирање, ќе потсетам дека ние целосно забранивме да се трошат буџетски средства за оваа намена. Ќе ве потсетам и дека во периодот од 2008 до 2015 година вкупно 14 милиони евра се доделени на шест маркетинг агенции. Во овие 14 милиони евра не се вклучени средствата за субвенции за производство на програми. На пример, субвенциите за 2017 година изнесувале 31 милион денари, за што претходната влада ја донела оваа одлука во период кога не беше завршен изборниот процес. За сите овие факти не можам да најдам никаква допирна точка на владиното рекламирање од времето на режимот на Груевски со тоа што денес се случува. Да бидам искрен и свесен за огромните разлики и јавно објавени износи, ме зачудува и прашањето.

Дали субвенциите за печатените медиуми ги постигнаа очекуваните цели?

– Одлуката за субвенционирање на печатените медиуми владата ја донесе со цел заштита на плурализмот во областа на медиумите. Предлогот за ова дојде од Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми во Македонија и ЗНМ, а беа направени повеќе јавни дебати и со поддршка од ОБСЕ. Дополнително беа разгледани и примери на многу земји членки на ЕУ коишто им помагаат на печатените медиуми.

Целта е да се реализираат активностите за поддршка на печатените медиуми од општ и информативен карактер.

Финансиска поддршка е доделена на сите печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените. Значи немаше никаков начин за селективност.

Во однос на прашањето дали субвенционирањето ги дава посакуваните резултати, за сега можам да кажам – да. Печатените медиуми тука, како и во останатите држави во Европа и светот, соочени со новите медиуми се соочуваат со сериозна криза да останат на пазарот. Во овој момент ова беше единствениот начин да им се помогне да продолжат да работат. Овој модел гарантира транспарентност, непристрасност и отсуство на било какви влијанија при субвенционирањето. Критериумите се јасно утврдени и строго се следат од комисијата којашто одлучува.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.