МРТ и во новиот буџет ќе изеде најголем дел од средствата за МИОА

За Министерството за информатичко општестсво и администрација во предлог-буџетот за 2020 година се предвидени расходи од 1,5 милијарди денари или околу 25 милиони евра од кои најголем дел од 1,2 милијарди денари (19,5 милиони евра) се наменети за субвенции и трансфери до јавните претпријатија од радиодифузната дејност како Македонската радиотелевизија (МРТ), Македонска радиодифузија (МРД) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ).

Ваквата практика на префрлање буџетски пари директно на сметките на овие претпријатија заживеа откако на предлог на актуелната Влада, Собранието во септември, 2017 година ги прифати измените на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги со кои се укина радиодифузната такса.

Во предлог-буџетот за 2020  година не може да се види колку пари одделно ќе добијат јавните претпријатија и регулаторите од радидуфузната дејност бидејќи парите се ставени под една ставка.

Сепак, според финансискиот план на МРТ за 2020 година објавен од Собранието вкупните планирани приходи од државниот буџет изнесуваат 1,29 милијарди денари или 20,9 милиони евра, додека планираните расходи за следната година изнесуваат 1,34 милијарди денари (21,8 милиони евра).

Во овој документ, може да се забeлежи дека во МРТ за следната година испланирале поголеми приходи од буџетот во однос на годинава кога бил очекуван буџетски прилив од 894 милиони денари или околу 14,5 милиони евра.

Инаку, вкупните буџетски расходи на министерството со ребалансот на буџетот за 2019 година беа намалени од 1,57 на 1,5 милијарди денари (24,4 милиони евра).

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, при презентацијата на предлог буџетот на МИОА за 2019 година соопшти дека 77 отсто од вкупните расходи на министерството се предвидени за финансирање на МРТВ, МРД и АВМУ.

„Праксата од минатата година, за што е добиена потврда и од засегнатите страни, покажува дека на овој начин, преку обезбедување на пари од буџетот, МРТВ, АВМУ и МРД, добиваат редовни, предвидливи средства. Сега тие имаат можност, долгорочно да ја планираат својата работа и програма и имаат автономна и независна уредувачка политика“, истакна тогаш министерот Манчевски.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.