Нови 90 вработувања побарал вториот канал на МТВ од Владата

Уредничката на вториот канал на МТВ, Мигена Горенца, вели дека веднаш по донесувањето на измените за емитување програма на албански јазик 24 часа, во јуни, испратила извештај  до Владата за состојбата со кадар и со техника, како и за сè што треба да им се обезбеди за да ја остварат програмата.

– Во тој извештај, правен пред да знаеме дека ќе има и четврти канал, напишавме дека ни се потребни барем уште 90 нови вработувања. Сега МТВ веројатно ќе треба да прави нова процена бидејќи од нас се бара многу повеќе – вели Горенца.

Таа објаснува дека телевизијата има само две големи студија за снимање, па буквално се борат  за термини.

– Сите сакаме ударни термини за дебатните емисии, за утринските програми, а што ќе биде кога ќе се отвори и четврти канал? Како ќе работиме ако не се вложи во дополнителна опрема, не само во кадар – прашува таа.

Во албанската редакција има 52 вработени, а ако утринската програма во МТВ1 се прави со шест новинари, тука се работи со двајца хонорарци.

– Тоа само по себе говори за состојбата со кадарот. Кога целосно ќе треба да покриеме еден канал, ќе ни треба многу повеќе од тоа што го имаме во моментов – вели Горенца.

Според извештаите за работата на телевизијата, на крајот на 2016 година таму работеле 624 Македонци, 156 Албанци, 32 Турци. За разлика од претходната година, има за четириесетина вработени помалку.

Според извештаите за работата на МТВ, заклучно со 2016 година, таму се вработени 864 луѓе, од кои 46,4 отсто се со средно образование.

Со измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, донесен од претходната влада, МРТ треба да обезбеди и еден телевизиски програмски сервис на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик, кои ќе емитуваат програма 24 часа секој ден во неделата, како и телевизиски програмски сервис кој ќе емитува програма на јазиците на другите немнозински заедници.

Во последниот извештај на Прибе, покрај забелешките за реформите во МТВ,  исто така, констатирано е дека медиумите претежно се делат по политички и по етнички линии.

– Какво ни е општеството, такви ни се и медиумите. Поделени сме комплетно како општество по етничка линија, така е и со медиумите. Не знаеме што ни се случува едни на други, одиме на исти настани, секој од свој агол ја тера приказната. Јавниот сервис има шанса да го промени тоа, но Владата треба да покаже волја, пред сè да ни се овозможат услови за работа – вели уредничката Горенца.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.