Новинарските здруженија бараат 30 милиони евра за МРТ од буџетот на државата

Здружението на новинарите на МакедонијаСамостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија до Министерството за информатичко општество и администрација доставиле забелешки за нацрт-законот за изменување и за дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Новинарските организации сметаат дека еден процент од буџетот на државата треба да се одвои за финансирање на МРТ, затоа што сметаат дека МРТ е недоволно опремена, нема дописничка мрежа, вработените имаат ниски плати, а потребен е нов искусен и квалитетен новинарски и друг креативен персонал.

Буџетот на државата за оваа, 2017 година, изнесува околу 3 милијарди евра, што значи дека за јавниот радиодифузен сервис, ако помине овој предлог, годишно би се издвојувале 30 милиони евра.

Според годишниот извештај, лани МРТ имала вкупни приходи од околу 19 милиони евра, од што околу 13 милиони, или 67 отсто, биле од радиодифузната такса.

Со измените на законот предвидено е вториот канал на МРТ да прерасне во посебен канал со 24 часовна програма на албански јазик, а програмата на останатите етнички заедници да се префрли на третиот канал. Сите овие обврски на МРТ бараат значително зголемување на средствата за нејзиното нормално функционирање како независен и професионален јавен сервис, кој ќе биде во служба на граѓаните.

Трите организации сметаат дека во листата на предлагачи треба да се прецизира дека Здружението на новинарите на Македонија предлага членови во Програмски совет на МРТ и Советот на Агенцијата. Со тоа ќе се обезбеди во овие тела членови да предлагаaт компетентни, кредибилни и независни организации, кои ги преставуваат интересите на новинарите.

Во забелешките се бара дополнително намалување на висината за надоместок за дозвола за телевизиско или радиоемитување, a Агенцијата за медиуми пред да поведе каква било прекршочна постапка, треба да ги опоменува јавно медиумите.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ бараат и бришење на член 62-а и 62-б од законот, кои се однесуваат на политички плурализам во вести и дневно информативни програми во изборна кампања.

„Ние веруваме дека новинарските стандарди не можат да бидат објект на законска регулација, туку на саморегулација во медиумите. Ако етички новинарски стандарди се стават во закон, постои голема опасност тие да се злоупотребат за ограничување на слободата на говорот и на слободата на медиумите“, се вели во соопштението од ЗНМ.

Со предлогот измени на овој клучен закон, формално ќе биде исполнета една од таксативно набоените обврски во Планот на Владата 3-6-9, за првите три месеци од нејзината работа, но и од итните реформски приоритети во делот на медиумите.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.