Regjistrimi i popullsisë

„Пописот како новинарска тема“, прирачник за новинари за одговорно пишување за пописот

Денеска беше промовиран прирачникот за новинари „Пописот како новинарска тема“. Целта на овој прирачник е да помогне во едуцирано, општествено-одговорно пишување за пописот и неговата улога во унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Целта е да направиме „врева“ во јавното мнение преку новинарите за значењето на оваа акција и оваа статистичка акција да не ја претвораме во политичко случување, како што има тенденција во нашето општество. Прирачникот е наменет за новинарите, со цел да им ги потенцира сите оние други страни на пописот, освен онаа политичка димензија која е најмногу акцентирана во нашата земја, бидејќи кај нас пописот се политизира, а со тоа се дава неговото значење за пребројување на двете големи заедници – албанската заедница и македонската“, рече Јасна Бачовска Недиќ, автор на прирачникот и редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.
Таа додаде дека со овој прирачник ќе овозможи да се сврти вниманието на новинарите и да се поттикне едно општествено одговорно новинарство, за да се прави притисок во јавноста за побрзо одржување попис.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, препорача новинарите стриктно да се придржуваат кон она што го пишува во прирачникот, со цел да се спречи пренесување погрешни информации.
Пописот е статистичка, а не политичка акција се наведува меѓудругото во Прирачникот за новинари.
„Покрај тоа што нашето општество има низа сериозни демографски проблеми како на пример намалување на стапките на наталитет и природен прираст, демографско стареење, одлив на младо работоспособно население, поларизирање на просторната разместеност, раселување на дел од селските населби итн., медиумите пишуваат само за етничкиот момент и проблемите околу тоа“, пишува во Прирачникот.

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.