Предлог-законот за АВМУ повторно на мета на експертите и фелата

На денешната јавна расправа за предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која беше организирана од Комисијата за транспорт, врски и екологија при Собранието, експертите, новинарските здруженија и луѓе од медиумските дејности критикуваа решенија од текстот, за кои велат дека ќе ги влошат состојбите.

Според претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, тоа што за МРТ како јавен радиодифузен сервис се предвидени помалку пари ќе ја оневозможи куќата да ја извршува својата функција во целост.

– Јавните сервиси треба да информираат, да едуцираат и да забавуваат. Приватните телевизии не мораат тоа да го прават. Добро би било да го прават, но не се обврзани. Единствено, МТВ е обврзана, а не може да го прави тоа ако има помалку пари. Дали забележувате дека вестите на МРТВ почнуваат и завршуваат со информации од Скопје? Нема да слушнете вести од други градови се додека не се развие дописничката мрежа. МРТВ нема дописничка мрежа, ќе треба да се вработат најмалку уште 100 луѓе – новинари и камермани – рече Селмани.

Тој вели дека отворањето на нови канали, за кои владата треба да обезбедува пари надвор од предвидениот буџет за МРТ, ќе ја наруши независноста на јавниот радиодифузен сервис

– Со новите законски измени ќе се отворат нови канали, а од друга страна ние ги намалуваме средствата. Таа одредба која вели дека „ако има потреба ние би дале за техничко опремување“, тоа е сериозен упад во автономијата на јавниот сервис – рече претседателот на ЗНМ.

Претседателот на  Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ),  Лазо Петрушевски, пак, смета дека професионалното вработување на членовите на Советот ќе предизвика промена на карактерот на ова регулаторно тело.

– Тоа ќе биде нешто помеѓу агенција и совет за радиодифузија, нема да функционира и ќе направи проблеми – рече Петрушевски.

Програмскиот совет на МРТ го спори член 46 од Законот, кој исто така се однесува на финансирањето.

– Во него се вели дека за 2018 година тоа ќе бидат 0,7 проценти од Буџетот, а до 2021 1 процент. Во овој член има и став кој вели дека процентите од став 1 на овој член ќе се реализираат доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства. Мислиме дека овој став дозволува политичко влијание. Се кажуваат процентите, но потоа се релативизираат. Предлагаме овој став да се избрише – рече Смилка Јаневска – Саркањац, претседател од Програмскиот совет.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски истакна дека Законот со кој, како што вели, целта е да се тргнат рацете на политичарите од медиумите,  ќе биде појдовна основа за реформите во областа. Побара да се даде шанса за законското решение за кое, како што рече, досега има 38 објавени и дебатирани верзии, и пак има 200 отворени прашања.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.