Приходите на МРТ во континуиран пад – лани помали за 26 отсто во споредба со 2015 (инфографик)

Македонската радиотелевизија (МРТ) бележи континуиран пад на вкупните приходи од работењето во изминативе четири години. Финансиската анализа за националниот радиодифузен сервис покажува дека вкупните приходи во 2018 година изнесувале 15,4 милиони евра, што е за 26 отсто помалку во споредба со 2015 година.

Како што покажува анализата „Финансиското работење на државните претпријатија под лупа“ на Центарот за граѓански комуникации, кај МРТ забрзано растат финансиските расходи од работењето. Само лани тие изнесувале околу 1,7 милиони евра и биле двојно поголеми од минатата година.

– Произлегува дека искажаната загуба за 2018 година произлегува од високите финансиски расходи – се наведува во објавената анализа за работењето на државните претпријатија.

Напластените загуби на МРТ од лани се резултат на каматите во висина од над 650.000 евра, курсните разлики се во износ од околу 60.000 евра, додека останатите финансиски расходи се нешто помалку од 1 милион евра.

Анализата „Финансиското работење на државните претпријатија под лупа“ е изработена во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис сектор“, финансиран Европската Унија. Анализата на Центарот за граѓански комуникации е направена врз основа на пет групи на финансиски индикатори изведени од годишните сметки на претпријатијата – профитабилност, ефикасност, финансиска стабилност, економичност и ликвидност на претпријатијата.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.