Со серија забелешки, законот за АВМУ следната недела оди на пленарка во Собранието

Потребни се повеќе пари за Македонската радио телевизија (МРТ) како јавен радиодифузен сервис, но и давање поголеми ингеренции за регулација и улога на предлагач на решенија на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) за да се овозможат суштински медиумски реформи. За да не се предизвика големо нарушување на рекламниот пазар, пак, неопходно е да се оневозможи МРТ да емитува реклами и така да земе голем дел од рекламниот колач.

Тоа беа главните и најчестите забелешки на денешната јавна расправа за Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, којшто Владата го испрати до Собранието минатиот месец. Денешната расправа во организација на Комисијата за европски прашања е четврта по ред.

Како што рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, процесот уште не е завршен, односно, постои можност текстот да се доработува, иако, како што рече, се очекува предлог-законот следната седмица да се најде на собраниска седница.

Можноста за подобрување на сегашниот текст Мачевски ја насочи кон амандманската расправа во Собранието. Според него изборот на членовите на Советот на ААВМУ и на Програмскиот совет на МРТ, кој ќе се врши со двотретинско мнозинство во Собранието, ќе овозможи во нив да влезат професионалци со што ќе се минимизира можноста политичките структури да влијаат врз медиумите и да ја загрозуваат нивната слобода.

Според Климе Бабунски од ПРО МЕДИА и Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите голем проблем е финансирањето на МРТ, односно предвидените средства од 0,7 отсто од државниот буџет за годинава, кои треба да пораснат до 1 отсто од буџетот за 2020 година се недоволни за вистинско вршење на сите функции на јавниот радиодифузен сервис. Дел од учесниците во расправата предложија да се предвиди и развој на дописничката мрежа за вистинско објективно информирање на сите нивоа.

Насер Селмани и Драган Секуловски од Здружението на новинарите излегоа со истите забелешки, но се осврнаа и на одредбите од функционирањето на Агенцијата за АВМУ. Побараа и интервенции во текстот за да се спречи каква било можност во иднина Владата да го наруши пазарот со свои реклами.

Според Иван Мирчевски, директор на телевизијата „Канал 5“, предвидени се многу строги казни за телевизиите и директорите и предложи нивно укинување или ублажување, исто како и Благој Христов од Стопанска комора како претставник на кабелските оператори, кој побара измени од сферата на пренесувањето на програмите.

И Мирчевски и претставниците на другите телевизии – Мишко Иванов од „24 вести“, Славица Арсова од „Сител“ – побараа да се избрише членот од предлог-законот кој ќе овозможи комерцијални реклами на МРТ.

Пратеничката Маја Морачанин побара во казнените одредби за дискриминација во медиумските содржини задолжително да бидат вклучени и казни за дискриминација поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Во расправата учествуваше и министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, а во салата покрај нивните колеги од владејачката коалиција, беа и пратениците Зоран Илиоски, Лилјана Кузмановска и Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.