Телевизиите бараат оставка од директорот на ААВМУ, Трајчевски и акција од владата

Македонската медиумска асоцијација на приватни национални телевизии (ММА) денес побара од надлежните институции да ја спречат заканата од телеком операторите за прекинување на реемитувањето на домашните телевизиски канали. Тие побараа оставка од Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), поради изнесените тврдења дека законските измени усвоени од Собранието биле донесени на крајно нетранспарентен начин.
Атанас Кировски, директор и главен и одговорен уредник на телевизија „Телма“ и претседател на ММА вели дека е „чиста лага и манипулација“, соопштението на АВМУ до јавноста, во кое се вели дека законот бил донесен на нетранспарентен начин.
„Законот е донесен во 2018 година, имаше дузина јавни расправи по што беше донесен од Парламентот во 2018 година. Бидејќи на кабелските оператори им требаше време, Собранието во февруари донесе одредба дека законот ќе стапи во сила 60 дена од конституирањето на новиот Совет на ААВМУ. Меѓутоа, поминаа 12 месеци од ваквите законски измени. Она што е направено на седницата на Парламентот, е дека беше избришан членот од Законот. Година дена имаа чинителите да се подготват за да го имплементираат ова законско решение. Законот е донесен во крајно транспарентна атмосфера. Беа вклучени во дебатата. Паушални се изјавите од директорот Зоран Трајчевски, тие се чиста лага и манипулација“ оценува Кировски.
Кировски посочи дека се крајно изненадени од одлуката на телеком операторите за исклучување на нивните канали од реемитување. Тој го впери прстот кон ААВМУ и Трајчевски истакнувајќи дека тие „се дел од овој проблем што се напластува во изминатиов период“ односно „неговото непостапување е директна причина за ваква ситуација“
– Навистина е чудно зошто нас би не исклучиле, особено што имаме валидни договори со нив – посочи Кировски на денешната прес – конференција во Сојузот на стопански комори.
Покрај склучените договори за реемитување со телеком-операторите, тој дополни дека петте национални телевизии гарантираат дека ги почитуваат авторските права за емитување на телевизиската програма на нивните канали. Кировски објасни дека го поддржуваат усвојувањето на измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, посочувајќи дека операторите имале 12 месеци за да се подготват за имплементирање на ваквото законско решение. Велат дека имало јавни расправи во кои се вклучиле сите чинители во 2018 година.
– Конечно со самиот закон се регулираат авторските права. Десетици канали се пиратираат без авторски права, кои создаваат нелојална конкуренција. Не може да не се почитува законот за интелектуална сопственост и авторски права.Како што важат за телеком операторите, авторските права важат и за телевизиите. Оттука, не гледам зошто толкава е загриженоста – додаде Кровски.
Националните телевизии упатија критики до јавното обвинителство и до раководството на ААВМУ. Кировски спомена дека телеком операторите емитувале што ќе им текне од странски телевизиски канали, истакнувајќи дека дел од реемитуваната програма од странските телевизии всушност била со откупени авторски права од страна на македонските телевизии. Имале поднесено десетици тужби за прекршување на авторските права до јавното обвинителство, но досега не е постапено по нив.
Од Асоцијацијата на национални телевизии посочуваат дека ААВМУ постојано го мониторира нивното работење, се изрекуваат предупредувања и јавни опомени за нивното работење, но не сметаат дека волку стриктна контрола не постои и за телеком операторите.
– Ние во ниту еден момент не сме рекле дека ќе ги исклучиме каналите и ќе ги скратиме граѓаните од информирање. Ние сме свесни за нашата општествена одговорност – рече Кировски.
Националните телевизии сметаат дека заканата за исклучување на телевизиските канали од страна на телеком операторите доаѓа во исклучително сензитивен период за нашата земјава, во екот на предизборието, појавата на корона вирусот и други значајни теми за нашата земја.
Најважно за нас е да се почитуваат авторските права и правата на интелектуална сопственост. Тоа е она што е од исклучителна важност не само во нашата земјава, туку и во ЕУ. Во моментов имаме активен закон што треба да се почитува од сите чинители во државата.
Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, истакна дека за деловната заедница, особено за сите оние што имаат повеќегодишни договори за рекламирање, ваквото однесување е недозволиво од телеоператорите.
Прес-конференцијата на ММА помина во крајно тензична атмосфера. На прашање за судскиот исход за телевизија „Телма“ за повреда на авторско право, Кировски по образложувањето на проблемот, директно се обрати кон новинарката која го постави прашањето:
– Знаете што, ваков тип на прашање е навистина смешно, бидејќи станува збор за една повреда и тоа не по наша вина во 20 години, а ние зборуваме за 30 канали кои пиратираат 24/7 со 100 филма на ден. Ви пречи тоа госпоѓо, или ви пречи само еднаш – рече Кировски, на што доби забелешка од присутните дека тоа е прилично дрзок однос кон новинари.
Владата денеска свика средба со претставници на телекомуникациските оператори.

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.