Трајчевски: Независноста на АВМУ ќе се наруши ако се стави под капата на Владата

Укинувањето на радиодифузната такса и финансирањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од буџетот ќе ја наруши независноста на институцијата и ќе ја стави под капата на Владата, оцени денеска директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, на отворањето на Конференцијата со регулаторните тела за медиумите од Бугарија, Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска и од Словенија, организирана по повод 20 години од основањето на Агенцијата.

Тој истакна дека ако постоела таква практика, ќе била применета и во другите европски земји.

– Ова е популистички чин со кој сакаат да се исполнат предизборни ветувања, за жал, и на опозицијата и на позицијата, не водејќи притоа сметка дека се уништува функционирањето на Агенцијата, која претходните 20 години, поради финансиската независност, можеше да ја врши улогата во општеството – изјави Трајчевски.

Во врска со подготовката на нов закон за медиуми, Трајчевски истакна дека негов личен став е дека се работи за текст кој е спротивен на европските директиви. Тој истакна дека АВМУ не е вклучена во изготвувањето на законот и оти веројатно станува збор за работна верзија.

– Логично е да има јавна расправа и да бидат вклучени сите субјекти кои се засегнати од законот – рече Трајчевски.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.