Владата дополнително ќе објави кои весници колку субвенции добил

Владата, дополнително ќе објави кои се 12-те печатени медиуми и по колку средства добиле од вкупно 710.000 евра колку што им беа доделени од владината Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2019 година.
Според владини извори, иако одлуката е донесена, таа официјално ќе биде објавена штом биде усвоен записникот од вторничната седница.
Како што извести владата, на повикот за финансиска поддршка за 2019 година пристигнале вкупно 16 барања, од кои критериумите ги исполниле само 12 медиуми. Во буџетот за оваа намена биле предвидени околу 810.000 евра.
Медиумите имаа право да се пријават на јавниот повик за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2019 година, којшто беше објавен од владата на 29 ноември минатата година. Субвенциите се доделија за печатените медиуми на македонски јазик се до 50 отсто за направените трошоци за печатење и до 50 отсто за направените трошоци за дистрибуција. Кај печатените медиуми што се издаваат на јазиците на етничките заедници, субвенциите се во висина од не помалку од 50 отсто, но не повеќе од 70 отсто за направените трошоци за печатење и одделно за дистрибуција, согласно доставените документирани докази за календарската 2018 година.
Владата и лани во јануари на 11 печатени медиуми им распредели околу 700.000 евра како поддршка за нивното печатење и дистрибуција. Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во изминатиов период побараа да се зајакнат критериумите за доделување државна помош за печатените медиуми, оценувајќи ги ваквите субвенции како ризик за корупција и клиентелизам.
„Врз основа на одлука на Владата донесена е програма со која печатените медиуми добиваат државна помош за обезбедување на нивната одржливост. Меѓутоа, критериумите врз основа на кои се одобрува таквата помош се недоволно прецизни и овозможуваат ненаменско користење на доделените средства“, се наведува во „Националната стратегија за спречување корупција 2020-2024“. 

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.