ЗНМ бара да се поништи конкурсот за нови членови на Надзорниот одбор на МРТ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара да се повлече одлуката на Програмскиот совет на МРТ за распишување на јавен конкурс за избор на членови на Надзорниот одбор на јавниот радиодифузен сервис во услови кога мандатот на членовите на овој совет е истечен.
„Опсерваторијата на медиумските реформи“ вчера објави дека на 17 јануари на веб – страница на МРТ е објавен јавен конкурс за избор на членови на Надзорниот одбор на МРТ. Органот што треба да врши надзор над материјално – финансиското работење треба да го изберат досегашните членови на Програмскиот совет на МРТ, кои се со истечен мандат.
„Мандатот на Програмскиот совет истече во декември 2019 година и од тие причини сметаме дека е проблематично тие да избираат нови членови на Надзорниот одбор кој треба да врши контрола на материјалното и финансиското работење на јавниот сервис во идните години. Освен тоа што мандатот на овој состав на Програмскиот совет е истечен, дел од членовите имаат и конфликт на интерес според законот и ова претставува дополнителен проблем за одлуките на ова тело“, се наведува во соопштението на ЗНМ.
Од Здружението на новинари посочуваат дека со обидот за избор на нови членови на Надзорниот одбор на МРТ се прекршуваат и препораките на Советот на Европа, односно препораката број 96 која се однесува на гарантирање на независноста на јавните сервиси. Во глава три од оваа препорака, се вели дека членовите на Надзорните одбори потребно е да се изберат од тело предвидено со закон на начин со кој ќе се избегне ризик од политичко или друго влијание.
Како и во неколку наврати досега, ЗНМ потсетува дека членовите на Комисијата за избори и именувања во Собранието мора да најдат заеднички јазик и да ги изберат новите членови на Програмскиот совет на МРТ. Изборот на нови членови е блокиран речиси една година.

„Бараме оваа комисија итно да одржи седница и да ги избере најсоодветните кандидати за Програмскиот совет како и за Советот на АВМУ со цел да се овозможи почеток на медиумските реформи во овие две институции“, посочуваат од ЗНМ.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.