ЗНМ договори соработка за полесен пристап на новинарите до информации од јавен карактер

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ќе потпише меморандум за соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со што ќе отвори можност да се подигне нивото на општествена транспарентност и ќе им се олесни патот на новинарите до информации од државните институции. Тоа било договорено на денешната средба на претставници на ЗНМ и Комисијата.

Со меморандумот за соработка се предвидуваат обуки за новинарите за ефикасно користење на законската можност за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и јавни кампањи кои ќе придонесат институциите да станат потранспарентни.

Според претседателот на новинарското здружение, Насер Селмани, преку поблиската соработка на двете тела, новинарите ќе дознаат повеќе за законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а кај граѓаните и кај институциите ќе се подигне свеста за важноста од отвореноста на институциите. Првиот човек на Комисијата, Ѓорѓи Сламков, вели дека наскоро треба да се донесе нов закон со кој треба да се овозможи подобро и поефикасно функционирање на ова тело.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.