ААВМУ досега не регистрирала прекршувања на Изборниот законик при мониторингот на медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на 17 февруари го започна предизборниот мониторинг на медиумите и во изминатиов период не констатирала прекршувања на Изборниот законик, се наведува во четвртиот неделен извештај што ААВМУ го достави до Државната изборна комисија (ДИК). Следењето на работата на медиумите ќе продолжи во претстојниот период, за што ААВМУ од владата доби 5.277.000 денари.

Од ААВМУ информираат дека на 6 март завршиле јавните расправи за текстовите на Нацрт-методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програми за време на изборни процеси и Нацрт-упатството за потврдување на извештаите за емитувано платено политичко рекламирање. На 11 март завршила и расправата за текстот на Нацрт-упатството за лимитите за платено политичко рекламирање.

„Предлог за измени и дополнувања пристигна само за Нацрт-упатството за лимитите за платено политичко рекламирање. Советот на Агенцијата ќе ги усвои трите документи пред почетокот на изборната кампања“, се вели во извештајот до ДИК.

ААВМУ го започна предизборниот мониторинг на медиумите на денот по распишувањето на изборите, и тоа од аспект на почитување на обврските што Изборниот законик ги пропишува за периодот пред започнување на изборната кампања. Помеѓу останатото, предмет на мониторинг во овој период е почитувањето на забраната за емитување на платено политичко рекламирање и на реклами финансирани од буџетски средства кај радио и телевизиските програми што се емитуваат на државно ниво.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.