Ако има пари, медиумската писменост во образованието брзо ќе стане реалност

Агенцијата за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (ААВМУ), медиумските организации и експерти сметаат дека воведувањето медиумска писменост во македонскиот образовен систем во скоро време е остварлива идеја.

Таквата идеја беше промовирана од владеjачката партија СДСМ пред изборите, која предвидува примена на соодветни содржини во образовните предмети во основните и во средните училишта, почнувајќи од учебната 2021/2022 година.

Медиумската писменост, според СДСМ, треба да биде еден од носечките столбови во борбата против лажните вести и дезинфомациите.

Директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, открива дека во текот на 2019 година, по иницијатива на Македонскиот институт за медиуми, во рамките на регионален проект финансиран од Европската Унија, формирана е Коалиција за медиумска писменост, каде што членуваат Владата, релевантните министерства и институции, како и граѓански организации.

Во рамките на Коалицијата се разговарало за што поскоро внесување на медиумската писменост во образованието, најпрвин во рамките на предметите во кои веќе има медиумска култура, а потоа и во други предмети.

„Важен дел од дискусијата беше дали да се воведува посебен предмет или медиумската писменост да биде пристап во предавањето во сите предмети каде што тоа е соодветно и можно. Повеќето од членките на Коалицијата беа за втората опција – медиумската писменост како пристап, зашто идејата не е да се воведе нов предмет во којшто ќе се бара учениците да научат нови дефиниции“, вели за „Мета.мк“, Трајчевски.

Тој смета дека идејата зад медиумската писменост е приспособување на образовниот процес на информациското општество, на општествената реалност каква што ја живеат сегашните генерации.

Според него, Бирото за развој на образованието може да направи проценка дали е можно за една година да се реализира ваквата идеја.

Што се однесува до потешкотиите за воведување медиумска писменост во образованиот процес, Трајчевски се сомнева во подготвеноста на наставниците, кои онлајн-наставата во корен им го менува начинот на работа. Друго прашање на кое треба да се посвети внимание, се промените во наставните програми – во дел од средното образование.

„Бирото за образование веќе има направено законски измени, на ред се програмите за основното образование и гимназиите“, додава тој.

Трајчевски смета дека моделот за интегрирање на медиумската писменост во образованието, не треба автоматски да се преземе од некоја друга земја, туку треба да се следат најдобрите искуства од европските земји и врз нив да се создаде сопствен модел, соодветен за македонското образование и општество.

„Треба да се оди на интегрирање на медиумската писменост како пристап во образованието, а не како посебен предмет со кој дополнително би се оптовариле децата“, оценува директорот на ААВМУ.

Директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Билјана Петковска, вели дека нивните заложби за интегрирање на концептот на медиумска писменост во формалното образование, траат повеќе од 10 години. За реализација на идејата соработуваат со разни владини институции надлежни за медиуми, образование, култура и технологии, како и со невладиниот сектор и медиумите.

„Со поддршка од ЕУ, во 2019 година заедно со Владата, Министерството за образование и со Бирото за развој на образованието подготвивме план со насоки за тоа како ќе тече процесот на интегрирање на МП во основното и во средното образование, а предвидовме и генерални насоки за интегрирање на овој концепт во градинките и во високото образование“, вели Петковски и додава дека поради пандемијата, дебатата за документот е одложена и се надева дека наскоро ќе продолжи.

Таа објаснува дека заедно со Бирото предлагаат на почетокот интегрирањето да биде во неколку предмети, и постепено тој фонд на предмети да се зголемува.

„Крајната цел е, преку измени во правната рамка, обука на наставниците и создавање образовни ресурси што ќе се користат во наставата, младите да научат како критички да ги преиспитуваат медиумските содржини, самостојно да создаваат медиумски производи и одговорно да ги користат медиумските платформи”, вели Петковска.

За медиумскиот експерт, Филип Стојановски, од Фондацијата „Метаморфозис“, решавањето на комплексниот проблем со недостаток на медиумска писменост бара комплексни решенија и сеопфатен пристап.

Од неговото искуството со спроведување на проектот „Критинк“ на терен, се покажало дека покрај креирање нови образовни содржини, има потреба и од подигање на капацитетот на наставниците, со дополнителни обуки и надградба на наставните планови на педагошките факултети.

„Оваа реформа ако се спроведе соодветно, ќе даде основа за решавање на потребите на идните генерации ученици, но ние постојано укажуваме и дека проблемот со дезинформации ги допира сите граѓани. Затоа сметаме дека треба да се разработат и одржливи механизми, преку кои искуствата од граѓанскиот сектор, а особено пристапите кои веќе се имаат покажано успешни во земји на ЕУ, ќе овозможат зголемување на знаењата и вештините на граѓаните што не може веќе да се опфатат со формално образование“, вели Стојановски.

Тој смета дека за реализација на идејата неопходна ќе биде системска поддршка за напорите на граѓанските организации, кои работат со заедниците, како и афирмација на едукативната улога на медиумите.

Со оглед на образовните ресурси развиени од граѓанскиот сектор во соработка со образовните и научните тела и со поддршка на државните институции, можно е и за една година да се подготват основите на оваа реформа и со дополнети наставни планови да се почнат и обуки на наставниците.

„Тие обуки не мора да се случат одеднаш, туку може да се спроведуваат постепено, што го овозможуваат технологиите за е-учење, кои со години ги користиме во граѓанскиот сектор, а сега стануваат и главно средство во државниот образовен систем“, подвлекува Стојановски.

Рокот од една година за воведување на медиумската писменост во образованиот систем, за Стојановски не е прекраток затоа што постојат сознанија како треба да се прави тоа, а има и свест за надградба на знаењата и вештините од сите учесници.

„Тоа е пристап кој уште во 2017 г. доведе до формирањето на нашата национална Мрежа за медиумска писменост“, потсетува тој.

Во врска со моделот што треба да се примени, Стојановски вели дека европското искуство покажува оти нема едно решение или унифициран пристап, туку има одредени генерални наоди, како што е мапирањето од Советот на Европа од 2016 година.

Освен формалното образование, промените опфаќаат и надградба на законските рамки во повеќе области, од образование и медиуми, до поврзување со заштита на човековите права на интернет, особено приватноста и безбедноста и на децата и на возрасните.

„Навистина сакаме и медиумите да ја зајакнат својата образовна функција, потребно е обезбедување ресурси и трансформација на новинарите во едукатори“, вели тој и додава дека за спроведување на овие реформи не е доволна само донаторска помош од ЕУ и УСАИД, туку треба да се одвојат средства и од државниот буџет.

Според него, успехот на овие иницијативи ќе зависи од тоа дали тие ќе станат приоритет при кроењето на буџетот на земјата.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.