АНКЕТА: Колкави се примањата на новинарите и медиумските работници?

Голем дел од новинарите и медиумските работници во земјава имаат примања што се далеку под просечната плата во Северна Македонија, иако имаат високо образование. Дури 67 отсто од новинарите одговориле дека не се задоволни од платата и хонорарот, при што 35 отсто од медиумските работници одговориле дека заработуваат од 15.000 до 20.000 денари месечно, покажува анкетата спроведена на 150 испитаници (новинари и медиумски работници) од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

 

Од ССНМ посочуваат дека просечната плата за април 2020 година според податоците на Државниот завод за статистика била 25.830 денари, при што над 70 отсто од анкетираните одговориле дека имаат плата во медиумите што е помала од ваквиот просек. Дополнително, последниот извештај на „Репортери без граници“ покажува дека Северна Македонија е рангирана на 93-то место од 180 земји, што доволно зборува за атмосферата во која работат новинарите и медиумските работници.

Истражувањето на ССНМ покажува дека само дваесет луѓе или 13,3 отсто одговориле дека нивната плата е во висина од 25 до 30.000 денари, а 23 лица или 15,3% земаат над 30.000 денари плата, односно нивните плати се движат околу или над просечната плата во земјава.

Медиумскиот бизнис е на удар од корона-кризата, а тоа се одрази и на губењето на работното место и намалување на платите. Четворица од анкетираните лица изјавиле дека останале без работа, а 45 одговориле дека познаваат колеги кои ја изгубиле работата. Во проценти, 33 отсто од анкетираните знаат дека некој во медиумскиот бизнис овој период останал без плата, додека дел од нив се соочиле со кратење на приходите.

Повеќето медиумски работници се со високо образование

Дури 112 или 75 отсто од испитаниците одговориле дека се со високо образование, а 18 отсто или 27 испитаници се со средно образование и 7 отсто или 11 лица со виша школа. На прашање дали образованието е поврзано со новинарство, потврдно одговориле речиси половина или 70 лица, а негативно 74, додека шест лица не дале одговор на ова прашање.

За редовноста на платата или хонорарот, 96 лица или 64 отсто одговориле дека примањата ги добиваат до 15-ти секој месец, 24 лица или 16 отсто одговориле дека платата ја добиваат на први во месецот, исто толку одговориле дека исплатата е секој месец на различен датум и шестмина или 4 отсто одговориле дека им доцни исплатата. Дури 101 или 67 отсто од испитаниците одговориле дека не се задоволни со платата или хонорарот, а 49 или 33 отсто одговориле дека се задоволни.

Дури 23 отсто од анкетираните медиумски работници тврдат дека не се здравствено и социјално осигурани, додека 63 отсто од нив одговориле дека никогаш не користеле боледување.

Истражувањето на ССНМ покажува дека 75 отсто од медиумските работници не се вклучени во синдикална организација, а само 30 отсто одговориле дека постои синдикална организација во нивната редакција. Сепак, вкупно 81 отсто или 122 лица одговориле дека нивниот менаџмент дозволува синдикално организирање.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.