Министерството за информатичко општество и администрација вчера почна со подготовка на конечната верзија на новиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој, според роковникот на Владата, треба да биде готов до 30 ноември.
За донесување на законот во Собранието е потребно двотретинско мнозинство.
Една од причините за изменување и за дополнување на законот, како што се наведува во известувањето, е тоа што актуелното решение не ги дало очекуваните резултати.
„Едни од целите на законот е обезбедување на транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиоадифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Меѓутоа, законот не ги постигнува очекуваните резултати. Основна причина за тоа е што кога е донесен законот, во 2013 година, Владата и Собранието ги игнорираа забелешките на новинарските и на медиумските организации. Освен тоа, не беа вградени клучните препораки на експертите на Советот на Европа и на ОБСЕ во врска со намалувањето на политичкото влијание во медиумите, јавниот сервис и кај медиумскиот регулатор“, стои во известувањето за почетокот на подготовката на новиот закон.
Со новите решенија, како што се додава, треба да се постигне професионализација на јавниот радиодифузен сервис и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), како регулаторно тело.
Нацрт-верзијата на новиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на 30 август беше доставена до новинарските здруженија и до другите засегнати страни, а на почетокот на септември беше објавена на интернет-страницата на Министерството за информатичко општество и администрација.
Според нацрт-верзијата, законот предвидува „Македонската радио-телевизија“ (МРТ) да се финансира со 0,7 отсто од државниот буџет, при што од тоа 74,5 отсто се за МРТ, а другите за МРД и за ААВМУ. На ова реагираа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) кои бараа финансирањето да биде еден отсто од буџетот.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.