Лани три, а од почетокот на годинава до денес за ист број месеци се регистрирани седум вербални напади и закани врз новинари, коишто биле пријавени во Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Од Здружението за „Мета.мк“ посочуваат дека бројот на вербални напади и закани врз новинарите е во пораст, и тоа во услови кога во последниве две години е забележан пад на бројот на физички напади врз новинарите. Загрижува и податокот дека повеќето од вербалните напади и закани годинава се кон новинарки.
– Кога се наближуваат избори реториката на политичарите се заострува кон нивните противници, но и кон новинарите и медиумските работници, а тоа придонесува партиските припадници да се охрабрат и да се испраќаат закани и навреди до новинарите – вели за „Мета.мк“ извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.
Последниот случај на сексистички навреди и клевети беше регистриран неделава кон новинарката Мирослава Бурнс, која со лични дисквалификации и навреди што допираат во нејзиниот приватен живот беше нападната од порталот „ДоказМ.мк“. Остра реакција за ваквиот чин испратија од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Истиот ден и ЗНМ го осуди етикетирањето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кон новинарот на он-лајн медиумот „In7.tv“, Албрим Хоџа, за време на давањето изјава по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
На почетокот на овој месец, полициски службеници, обезбедувањето и одговорните за протокол на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на крајно недоличен начин пробаа да го оддалечат новинарот од ТВ „Клан“, Фуркан Салиу од министерот Чулев, со упатување на директна вербална закана кон новинарот. И за овој случај имаше реакција од ЗНМ.
Критики од новинарската заедница доаѓаат и за вчерашната прес-конференција на министрите за финансии и економија, Нина Ангеловска и Крешник Бектеши, кои влегоа во јавна кавга со новинарката на „Телма“, Александра Филиповска. За непрофесионалните одговори на поставените новинарски прашања реагираше и уредничката на „Телма“ Снежана Лупевска, која јавно ги искритикува двата министри за неподготвеност и непрофесионалност во одговорите, зачинети со цинизам и некултура.
Од ЗНМ посочуваат дека веќе подолго време, заедно со ССНМ, бараат законски измени на Кривичниот законик, во кој нападите и заканите кон новинарите би се впишале како кривични дела и за истите по службена должност да треба да постапува Основното јавно обвинителство, заедно со Министерството за внатрешни работи.
– Само вака системски ќе може да се подобри состојбата, а се останато ќе биде гасење на пожари. Освен ова, континуираните обуки кои ЗНМ ги прави во соработка со своите меѓународни стратешки партнери на теми поврзани со безбедноста на новинарите каде активно учествуваат новинари, адвокати, судии, обвинители и полициски службеници ја подобруваат состојбата, но потребни се потребни се и законски интервенции – вели Драган Секуловски.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.