Јавните пари за политички реклами го влошија медиумското известување за изборите

Набљудувачката мисија на ОБСЕ за предвремените избори што се оддржaа на 15 јули во Северна Македонија има сериозни забелешки за начинот на известување на медиумите во текот на изборната кампања.

„На медиумското известување за изборите му недостасуваше критички осврт на платформите, а одредбите во врска со платеното политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми партии“, стои во првичната оценка на мисијата на ОБСЕ.

Mисијата, исто така, забележува дека информативните емисии на сите национални радиодифузери површно известуваа за кампањските активности, кои биле во сенка на меѓусебните обвинувања и на објавените снимки на политичките лидери.

„Темелно аналитичко известување или дискусии за политиките, главно, не беа присутни во известувањето за кампањата, со што се ограничи можноста на гласачите да се информираат за изборот помеѓу конкретните политички алтернативи“, констатира ОБСЕ.

Како потфрлање во медиумското известување може да се смета и оценката дека „кампањата беше одбележана со негативна реторика за сметка на посуштинска дебата“, затоа што медиумите имаат суштинска улога во креирањето амбиент за квалитетна и продуктивна дискусија меѓу учесниците на изборите.

Освен тоа, ОБСЕ констатира и застој на медиумските реформи, како што е обезбедувањето политичка неутралност на јавната Македонска радио-телевизија (МРТ) и медиумскиот регулатор.

Мисијата е загрижена што тековната стагнација во рекламниот пазар предизвикана од пандемијата дополнително ја зголеми зависноста на медиумите од сопствениците и државните субвенции.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), Зоран Трајчевски, се согласува со критиките на наблудувачката мисија на ОБСЕ во врска со начинот на известување на медиумите за време на изборната кампања. Трајчевски смета дека ваквото неквалитетно известување на медиумите за кампањата е последица на последните измени на Изборниот законик, кои создале правна несигурност и ги фаворизира владејачките партии во кампањата.

– Имено коалицијата на Алијансата на Албанците и Алтернатива добија 30.000 евра за ППР, додека владејачката ДУИ доби околу 800.000 евра, што претставува 26-27 пати поголеми средства за ДУИ. Ова покажува дека изборната трка воопшто не беше рамноправна – смета Трајчевски.

Тој вели дека иако се мислеше оти клиентелизмот кај медиумите е веќе минато, за жал, кај овие избори, повторно се покажало дека проблемот е присутен.

– Најеклатантен пример беше една национална телевизија, која целосно се стави во функција на владејачката партија СДСМ, што е констатирано и во прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР. Тоа фрла црна дамка не само на радиодифузерот и изборниот процес, туку и на европскиот пат на државата и демократскиот капацитет на општеството – смета Трајчевски.

Според него, владејачкиот СДСМ ги бојкотирал критичките медиуми, како што е телевизијата „Алфа“, која и пред почетокот на кампањата добила отворени напади и закани за наводен криминал и најави за негово затворање.

– Ваквиот однос на СДСМ зачудува бидејќи тие како владејачка партија ги имаат сите инструменти на власта да реагираат ако има криминал, а не да се закануваат на медиумот преку прес-конференции. А секако бојкотот не претставува само притисок врз медиумот, напротив тоа е и економски притисок врз медиумот со одбивањето да се рекламираат кај него. За жал, сето тоа покажува дека сè уште сме далеку од развиените западни демократии – заклучува директорот на АВМУ.

За надминување на лошите состојби во медиумите, Трајчевски предлага, веднаш по конституирање на новиот состав на парламентот да се пристапи кон изработка на Изборниот законик под покровителство на ОБСЕ, со цел да се укине буџетското финансирање на платеното политичко рекламирање. Освен тоа, тој смета дека треба да се смени и изборниот модел и да се воведат отворените листи. Дополнително бара професионализација на ДИК, која ќе биде составена од судии и видни адвокати, а не од партиски претставници, како и да се дадат поголеми надлежности на Комисијата да може да изрекува казни кон политичките партии и политичарите.

И членот на Жалбената комисија на Советот на етика во медиумите на Македонија (СЕММ), новинарот на Македонската радио-телевизија, програма на турски јазик, Ердем Ахмет, има слични коментари во врска со негативните забелешки на ОБСЕ за известувањето на медиумите за изборната кампања.

Ахмет смета дека ако се сумира изјавата на ОДИХР, јасно е дека во наредниот период ќе треба да се направат сериозни реформи за да не се повторат овие слабости во функционирањето на медиумите за време на изборите.

– Голем дел од овие слабости се поврзани со платеното политичко рекламирање од страна на државата. Овој систем освен што ги фаворизира големите парламентарни партии во голема мера е штетен и за медиумите – додава Ахмет.

Тој истакнува дека парите за политичко рекламирање се ограничени, а бројот на медиуми е голем.

– Медиумите во недостаток на приходи од комерцијални реклами во услови на пандемија се принудени да се борат да добијат што поголем дел од колачот за платеното политичко рекламирање. Во такви услови политичките партии би можеле да ги насочат парите за рекламирање во медиумите што им се наклонети, а медиумите што би останале независни би биле казнети со помалку реклами – објаснува Ахмет.

Според него, со платеното политичко рекламирање, кое е целосно субвенционирано од државата, постои опасност да се купува медумската наклоност со јавни пари, а на штета на граѓаните.

Автор: Насер Селмани

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.