Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во интервју за порталот „Призма“ вели дека во владејачката партија СДСМ има расположение во целост да се укинат изборните реклами, за чија изработка политичките партии добиваат финансии од државниот буџет. Манчевски изјави дека сепак промената не може да се направи пред овие избори, затоа што не може да се смени Изборниот законик во очи на гласањето.
– Идејата е да се напушти целосно овој дел, каде што директно од буџетот се финансира кампањата, затоа што и на ДИК му прави многу проблеми – вели министерот Манчевски во интервјуто за „Призма“.
Од државниот буџет за претстојните парламентарни избори за платено политичко рекламирање ќе се издвојат 3,6 милиони евра, кои ќе се распределат на поголемите и помалите политички партии од власта и опозицијата. Според конечната верзија на Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) на Државната изборна комисија (ДИК), во натпревар за овие финансиски средства ќе се вклучат 44 телевизии, 52 радио станици, 12 печатени медиуми и 230 интернет портали, или вкупно, 338 медиуми.
Прашањето за платеното политичко рекламирање на државен трошок се актуелизира повторно откако земјава ја зафати епидемијата на корона вирусот, а со тоа во изминативе месеци од корона кризата се бележи намалување на приходната страна од државниот буџет. Министерот Дамјан Манчевски тврди дека со владина уредба веќе се намалени за 80 отсто финансиските средства наменети за политичките партии преку годишното финансирање на партиите од државниот буџет.
Најголема огорченост кај новинарската заедница за платеното политичко рекламирање за претстојните парламентарни избори предизвика огромниот број на интернет портали што се пријавија за предизборни реклами. Дел од нив беа целосно непознати за македонската јавност, а одреден број од нив беа основани буквално пред да се објави самиот повик на ДИК за пријавување на медиумите што се заинтересирани за емитување на платено политичко рекламирање за претстојните избори. Максималниот износ што може да го заработи еден портал од носител на кандидатска листа по оваа основа е ограничен на 15 илјади евра.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.