Македонското радио и Марјан Цветковски казнети со 2.000 евра за прекршување на изборниот молк

Основниот кривичен суд-Скопје ги прогласи Македонската радио-телевизија, односно првиот програмски сервис на Македонското радио и одговорното лице Марјан Цветковски за виновни за прекршување на изборниот молк. Судот им изрече прекршочни санкции – глоби за ЈРП МРТ МРА 1 во висина од 1.800 евра, како и 200 евра глоба за одговорното лице Марјан Цветковски, се наведува во објавениот Преглед на прекршочни постапки за предвремените парламентарни избори 2020 на ААВМУ.

Ваквата пресуда доаѓа по поднесеното барање од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) за поведување на судска постапка за прекршување на изборниот молк поради емитување радио прилози во неколку дневноинформативни изданија на првиот програмски сервис на Македонското радио на 14 јули со изјави на поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

На изнесената пресуда од Основниот кривичен суд-Скопје, ААВМУ поднела жалба пред Апелациониот суд Скопје, кој ќе треба да пресуди за оваа прекршочна постапка. Инаку, Агенцијата бараше за Македонското радио да се досуди глоба во висина од 4.000 евра за овој радиодифузер, како и казна во висина од 30 отсто од ваквата глоба за одговорното лице на радиодифузерот.

Инаку, покрај казната за Македонското радио, од ААВМУ го чекаат исходот од прекршочната постапка за Алсат-М телевизија, која исто така е дадена на суд од ААВМУ за прекршување на изборниот молк поради емитување на прилози на 13 и 14 јули поврзани со состојбата со корона вирусот и со активностите на здравствените власти со изјава на министерот за здравство Венко Филипче, којшто исто така има улога на носител на функција во органите на власта.

Инаку, телевизија Телма за идентични прилози емитувани во дневноинформативните изданија на 13 и 14 јули беше ослободена од одговорност од Основниот кривичен суд, но ААВМУ се одлучи да се жали на пресудата пред Апелациониот суд. По ваквиот чекор, телевизија Телма реагираше на поднесената жалба на ААВМУ, посочувајќи дека оваа телевизиска куќа се водела исклучиво од јавниот интерес при пуштањето на изјавите на министерот за здравство Венко Филипче во врска со реалната состојба со кризата околу ковид-19 во земјава.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.