Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, за новонастанатата ситуација со кабелските оператори рече дека кога Собранието во 2018 година ги усвоило законските измени со кои се забранува емитување на странски програми без регулирани авторски права, имало согласност и од кабелските оператори и од националните медиуми како засегнати страни, но исто така имало и политички консензус.
Тој посочува дека во различни временски периоди имало отпор за дијалог кај една од засегнатите страни.
„Кога почна да се пролонгира примената на законската измена од 2018 година, проблемот остана со непочитувањето на авторските права. Сега, откако тој почна да важи, кабелските оператори бараат да не важи одредбата што предвидува кривична одговорност за одговорните лица во кабелските оператори за непочитување на законот,“ вели Манчевски за „Фокус“.
Според Манчевски, решението е во седнување на маса и заедничко решавање на проблемот.
„Факт е дека мора да ставиме крај на беззаконието со непочитувањето на авторските права, кое е стандард во сите европски земји. Исто така, факт е дека со подзаконски акти треба да се допрецизира имплементацијата на законот со цел да не постои страв од неоправдана одговорност. Апелираме на разум и дијалог. Владата стои на располагање колку што може да помогне во овој процес,“ вели Манчевски.
Здружението на Информатичко комуникациските технологии реагираше на изјавата на министерот за информатичка технологија и администрација Дамјан Манчевски.
„Ние не сакаме да ги исклучиме ТВ каналите. Напротив, ги направивме сите потребни чекори да не дојдеме во таква ситуација која ни ја налага законската регулатива. Но Измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ) за нас претставуваат акт на јавна власт кој има ефект на ситуација на Виша сила и го оневозможува нашето нормално работење. Ние како и досега докажавме дека сме спремни за дијалог со сите засегнати страни. Но, за жал нашите укажувања за неприменливоста на овие измени не завршија со конструктивно решение. Напротив, измените на ЗААВМУ беа донесени по брза и нетрансапретна постапка на последната седница на Собранието пред неговото распуштање. Не вродија со плод ниту укажувањата од Европската комисија дека ваквите измени се спротивни на ЕУ директивите и дека вакво законско решение не постои во ниту една земја членка на ЕУ,“ велат од Здружението.
Според нив, нема потреба од дополнително регулирање на авторските права , бидејќи истите се веќе регулирани со друг закон.
„Заштитата на авторските права се врши преку суд, при што оној чие право е повредено треба да го заштити своето право на суд, но против оној кој го прекршил тоа право, а не против тој што само технички ја реемитува програмата, со регулирани права за реемитување. Измените на ЗААВМУ што сега се на сила се целосно непримелниви, бидејќи на операторите кои реемитуваат програмски содржини им наметнува да гарантираат за авторските права на програми што не ги произведуваат, а за тоа да сносат кривична одговорност. Ваквата ситуација создава дополнителна конфузија во целата област бидејќи воведува одговорност на операторите за туѓи дејствија, што е правно целосно неиздржано,“ додаваат од Здружението.
За операторите, ваквата одговорност која им се наметнува е апсурдна.
„Дополнително сметаме дека измените на ЗААВМУ се и спротивни на Уставот поради што и поднесовме Иницијатива до Уставниот суд за носење на времена мерка со што очекуваме примената на овој закон да биде суспендирана, се додека Уставниот суд не донесе одлука за поништување на овие неуставни измени на Законот,“ велат од Здружението.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.