МРТ во изборните програми: СДСМ ја гледа како заштитник од дезинформации, ВМРО ќе ја уредува со нов закон

Идниот развој на јавниот радиодифузен сервис е вклучен во изборната програма на двете најголеми политички партии што ќе се натпреваруваат на изборите на 15 јули. За владејачкиот СДСМ, приоритет е Националната радио-телевизија да прерасне во вистински јавен радиодифузер, кој мора да биде во тек со времето и да биде присутен на сите современи платформи и да биде достапен до сите корисници.

Во Програмата на Коалицијата „Можеме“ се наведува дека јавниот радиодифузен сервис ќе има мисија да информира навреме и точно, да ја штити јавноста од дезинформации и да гради професионално и квалитетно известување. Според коалицијата предводена од СДСМ, Националната радио-телевизија би имала државни обврски.

„Тоа значи дека емитувањето спортски содржини од националните првенства и натпревари кои се од интерес на македонската публика, особено натпреварите на националните репрезентации не се прашање на избор, туку на обврска“, се наведува во нивната програма.

Од СДСМ наведуваат дека во изминатиов мандат ја укинале радиодифузната такса и обезбедиле надоместок во износ од 0,8 до 1 отсто од државниот буџет за стабилно функционирање на Националната радио-телевизија. Со серија измени во законските прописи, создале услови за професионализација на МРТ, но тие тврдат дека поради опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ, голем дел од овие реформски решенија сè уште не се применети.

Од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ пак во нивната програма „Обнова за Македонија“ наведуваат дека ќе донесат нов закон за МРТ, со кој ќе се регулирала работата на јавниот радиодифузен сервис. За реформите во МРТ до 2022 година ветуваат дека ќе одвојат над 20 милиони евра. Од опозициската коалиција најпрво ќе подготват стратегија за развој на МРТ, а потоа ќе ангажираат стручен кадар.

„Ќе ангажираме образовани и способни новинари, режисери, музичари и други профили на експерти и креативци, кои ќе ја доведат информативната програма на светско ниво, ќе ја обноват музичката, играната, образовната, документарната, научната продукција на МРТ“, се вели во програмата „Обнова за Македонија“.

Од ВМРО-ДПМНЕ ветуваат обнова на веб-сајтот на МРТ со нова технологија и содржини, отворање профили на социјалните мрежи со кои ќе се комуницира интерактивно со публиката и воведување на нова платформа – медиатека со аудио и видео содржини, вклучувајќи ја и архивата на МРТ.

И кај двете главни политички партии во нивните изборни кампањи преовладува ставот дека јавниот радиодифузен сервис се наоѓа во лоша состојба, при што од СДСМ во програмата обвинуваат дека тоа е резултат на опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ, додека од опозициската партија велат дека нема реална политичка и соодветна финансиска поддршка за МРТ.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.