Буџетското финансирање медиуми, и преку изборните кампањи и преку субвенциите, е ризик за корупција и политичко влијание врз јавните гласила, особено во предизборниот период. Оваа констатација ја делат и новинарските здруженија, невладините организации, но и Државната комисија за спречување корупција, која за ризикот што го носат државните пари во медиумите од неколку аспекти пишува и во својата проценка на ризици од корупција, но и во новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Ризикот го нотираше и ОБСЕ/ОДИХР во своите извештаи за претседателските избори.
Иако Владата, според препораките на извештајот на Прибе, во август 2017 донесе одлука со која веќе нема да се рекламира во медиумите, јавните гласила и понатаму добиваат пари од државата.
Повеќе од 5,4 милиони евра од државниот буџет им биле платени на медиумите за јавна пропаганда за референдумот за името во септември 2018, за кампањата за претседателските избори и како субвенции за печатени медиуми минатата година. Само годинава, пак, државата предвидува да потроши меѓу 4,6 и 7,3 милиони евра за кампањата за предвремените парламентарни избори и за годинешните субвенции.
Антикорупциска бара медиумите да не добиваат буџетски пари за изборните кампањи
Со измени на Изборниот законик во 2018 година, државата зеде обврска да им го финансира медиумското претставување на политичките партии и на кандидатите. На претседателските избори минатата година Државната изборна комисија (ДИК), преку која оди платеното политичко финансирање, им одреди лимит од по 3,3 милиони евра на тројцата кандидати за претседател, односно вкупно 10 милиони евра од парите на граѓаните. За тој изборен циклус за медиумско рекламирање на кандидатите ДИК потрошила 3,8 милиони евра, тврди претседателот на Комисијата Оливер Деркоски.
За претстојните предвремени парламентарни избори, Деркоски најави дека за медиумско рекламирање се наменети најмалку 3,8 милиони евра, но горната граница за трошење државни пари за медиумски кампањи е 6,5 милиони евра.
„Буџетското финансирање на платената политичка програма за изборна кампања е потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички однос“, констатира Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во новата Национална стратегија за спречување на корупцијата.
ДКСК бара да се укине буџетско финансирање платено политичко рекламирање во изборна кампања поради „отсуство на механизам и критериуми за ефикасно следење на финансирање на медиумските кампањи во изборниот процес“.
Освен тоа, анализа на БИРН утврдила дека 12 партии и коалиции пријавиле дека потрошиле вкупно 2,5 милиони евра за „реклама и за пропаганда“ за изборите во 2016, а на претседателските избори тројца кандидати, поддржани од три партии, потрошиле 3,6 милиони, или вкупно 3,8 милиони со кандидатите на истовремено одржаните локални избори во три општини.
– Доволно е да се погледнат сумите кои се издвојуваат за медиуми за да се заклучи дека потенцијално – влијанието може да биде огромно, смета Тамара Чаусидис, уредник на „Призма“, онлајн изданието на БИРН, која беше прва претседателка на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), токму во времето за кое се однесуваа забелешките на Прибе.
Контроверзноста на државното финансирање кампањи во својот извештај ја нотираше и на Мисија на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на претседателските избори.
Проблематични и директните државни субвенци
Освен кампањата за претседателските избори, државата, односно граѓаните, во октомври 2018 година преку Собранието платија за државната „јавна пропагандна кампања“ за референдумот. Тогаш 68 медиуми поделија сума од околу 900.000 евра. Но, покрај кампањите, државата директно им плаќа на медиумите и преку проектот за поддршка на печатените медиуми, со кој лани им додели околу 700.000 евра субвенции на 11 весници, а за годинава планира повеќе од 800.000 евра.
„Меѓутоа, критериумите врз основа на кои се одобрува таквата помош се недоволно прецизни и овозможуваат ненаменско користење на доделените средства.“, нагласува ДКСК во своите проценки за ризик од корупција.
Владата, пак, тврди дека субвенциите се неопходни, но и – европски.
„Критериумите за добивање на помошта се во целост усогласени со меѓународните стандарди, што е уште еден принципи според кој се раководеше Владата, прифаќајќи ги најдобрите практики на Европската Унија за поддршка на печатените медиуми кои во секое демократско општество се столбот, фундаментот на објективното, независното и професионално новинарство“, тврди министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.
Според Владата, „програмата за поддршка за печатените медиуми е во согласност со препораките нотирани во извештаите на Рајнхард Прибе, и на високата група на експерти за реформи во медиумите, потсети Поповски и додаде дека програмата ја добила максималната поддршка од ОБСЕ, и од сите останати меѓународни организации, како база на професионалното новинарство ќе помогне во справувањето со лажните вести и зголемувањето на медиумската писменост“.
На државното финансирање во медиумите неколку пати реагираше и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и невладините организации. Истиот став го потврдуваат антикорупционерите:
„Заради природата на својата дејност и големото влијание врз креирањето на јавното мислење, медиумите се појавуваат како значаен корисник на јавни финансии. Во пракса, трошењето на јавните, а пред сè буџетските финансиски средства од страна на државните институции често се врши на нетранспарентен начин, со селективност, привилегии и отсуство на отчетност и надзор над доделувањето и користењето на финансиската поддршка“, наведува ДКСК анализирајќи го ризикот од корупција.
Но, Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми од почеток ја поддржуваат оваа мерка, тврдејќи дека „ќе го помогне професионалното и одговорно новинарство и која ја враќа надежта меѓу новинарите од печатените медиуми за поддршка на нивните напори да бидат учесници во справувањето со лажните вести и за зголемувањето на медиумската писменост“.
– Она што е очебијно е се уште присутниот рефлекс на самите медиуми да бидат финансирани од политичките и бизнис центри на моќта. Тоа го прават со додворување, со автоцензура претпоставувајќи што на власта или на политичкиот ментор би им се допаднало или со директна уцена односно рекет . За жал имам впечаток дека самите медиуми не можат да го понесат товарот на слободата – бегаат од неа барајќи закрила во слугувањето како единствен модус во кој умеат да егзистираат. Во целиот тој процес која трае веќе со децении – новинарството како професија буквално е сомелено, Ако порано говоревме дека во време на заробена држава останаа мали островца на отпорот и слободата денес веќе можеме да говориме за ретки навистина ретки исклучоци на редакции кои го негуваат и веруваат во идејата за новинарството со интегритет како јавно добро – вели Чаусидис.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.