Media, televizione, mediume

Ниту е вистина дека медиумите се слободни, ниту дека нема значителен напредок

Двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ја состојбата со медиумите во земјата, излегоа со две крајно спротивставени вистини – од апсолутна слобода до катастрофално лоша состојба. Вистината е поинаква и кога станува збор за медиумските слободи, a и за слободата на изразување има уште доста работа.
СДСМ се пофали дека обезбедиле слобода на медиумите:

СДСМ и владата којашто ја предводи, успеа да стави крај на насилството врз новинарите и да обезбеди слобода на медиумите.Ова се признава и потврдува и во најновиот извештај на Парламентарното Собрание на Советот на Европа кој наведува дека од 2018 година Република Северна Македонија се издвојува од другите земји на поранешна Југославија преку намален притисок и гонење на новинарите… Сега заложбите на СДСМ за слободни медиуми се потврдуваат….

A ВМРО-ДПМНЕ возврати дека состојбата е катастрофално лоша:

Смешни се обидите на криминално рекетарската влада на СДСМ да се прикаже дека Република Македонија бележи напредок во слободата на медиумите. Само за потсетување на СДСМ и Заев, во Извештајот на Стејт департментот за човекови права во 2019 година се утврдува постоење на притисокот врз медиумите и селективната правда во Македонија…

Ваквото тврдење произлезе веднаш по соопштението на владејачката партија СДСМ, кое, исто така, е само делумно вистинито и во кое има извртување на вистината, т.е. спин, кога се тврди дека СДСМ и владата што ја предводи успеа да стави крај на насилството врз новинарите и да обезбеди слобода на медиумите.

Овие вторите, како подлошка земаат Извештај на Парлaментарно собрание на Совет за Европа, во кој, според соопштението, се прави споредба меѓу медиумските слободи и напади на новинари во Македонија споредено со некои други земји во поранешна Југославија, при што се констатира „намален притисок и гонење на новинарите“, почнувајќи од 2018. Де факто, во самото соопштение се разоткрива извртувањето и она што е делумно точно, се претвора во апсолутна вистина, т.е. дека медиумите се апсолутно слободни, а дека насилство врз новинарите нема.
ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, манипулира, извртувајќи ја вистината дека било смешно од страна на СДСМ да се обиде да каже дека има напредок во медиумските слободи и одат уште подалеку, обвинуваат за цензура, за упади во новинарски редакции, за кривични пријави против новинари, итн.

Вистината е, се разбира, различна. Ниту е точно дека медиумите во земјата се целосно слободни и дека е ставен крај на насилствата врз новинарите, ниту, пак, е точно тврдењето на опозицијата дека нема напредок. Има и тоа видлив напредок по смената на власта во 2017 година во јуни, но тој напредок не е толкав за да се прогласи Македонија за медиумски рај.

Оваа оценка е, всушност, оценка на домашните новинарски здруженија и ако се погледнат сите објави на ССНМ, на ЗНМ, на СЕММ на МИМ, итн, ќе се дојде до ваквиот заклучок. Особено има напредок во драстичното намалување на (физичкото) насилство врз новинарите, што може лесно да се забележи и од инфографикот што неодамна го објави новинската агенција „Мета.мк“.
Ако се погледнат извештаите на странски релевантни институции и организации, ќе се констатира повеќе или помалку истото. Во оној извештај што го споменува ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение на Стејт департментот од 2019, тој се однесува на состојбата во 2018 година се наведува дека и покрај продолжената „поделба на медиумите и нивните известувања по политичка линија во голем дел, бројни независни медиуми продолжуваат да ги изразуваат своите различни ставови без да се види зголемен притисок или ограничување“. Во Извештајот за напредокот на РСМ во 2019 година на Европската комисија се наведува „земјата е умерено подготвена“ во областа на слободата на изразување и дека „слободата на изразување и медиумските слободи се подобруваат“.
Ако се погледне Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници од 2019 година се гледа дека земјава во поглед на бодувањето стои исто како и во 2018 година, но забележува напредок за 14 места и сега се наоѓа на 95 место во светот.
Во сите овие извештаи на странците и на домашните новинарски организации речиси идентично се согледуваат проблемите и се набројуваат препораките за подобрување на состојбите. Во сите е апострофирано дека реформата на Јавниот сервис не е спроведена и дека земјата треба да се посвети на тоа, исто како и дека постојано треба да се внимава и да се следи состојбата со безбедноста на новинарите, дека нивната материјална и социјална положба не е воопшто подобрена и дека самоцензурата е сè уште забележлива појава.
Овие и други проблеми, како што се необјаснивиот неизбор на Програмскиот совет на МРТ и на членовите на Советот на ААВМУ, им се многу добро познати и на новинарите и на новинарските здруженија, па затоа, поради сето тоа може да се оцени дека и во едното и во другото соопштение на двете најголеми политички партии, се препознаваат делови со спинување, т.е. извртување на вистината.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.