Новинарската заедница реагира: Фондот за поддршка на медиумите мириса на корупција

Новинарските организации и кабелските оператори се вознемирени од владината најава за формирање фонд за помош на медиумите поради кризата со корона-вирусот, бидејќи таквата мерка може да влијае врз независноста на медиумите. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во принцип се против јавни пари во медиумите, особено ако тоа се прави без претходна најава и без јавна дебата.

Во ЗНМ велат дека деновиве формално се обратиле со допис до Владата со цел да добијат детали околу идејата за формирање фонд за поддршка на медиумите, меѓутоа досега се игнорирани и никој не сакал да објасни за што поточно се работи.

– Сè уште имаме трауми од минатото околу јавните пари во приватните медиуми. Знаеме каква штета донесе тоа во медиумскиот сектор. Во секој случај, загрижуваат нетранспарентноста и фактот што еснафските здруженија од секторот не се консултирани за вакви битни прашања, кои може сериозно да влијаат на работата на новинарите и медиумите – изјави за „Мета.мк“ директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.

Тој смета дека времето кога Владата сака да донесе таква мерка, непосредно пред одржување на предвремените избори е спорно, а последиците ќе бидат големи врз слободата на медиумите.

– Ако пред избори се формира некаков фонд за медиумите и директно им се префрлуваат пари на приватните медиуми, а во исто време, дополнително им се плаќаат 4-5 милиони евра за политичка пропаганда за време на изборната кампања според Изборниот законик, како тоа ќе се одрази на уредувачката политика на медиумите? Се остава впечаток дека се размислува да се влијае врз начинот на кој известуваат медиумите во текот на предизборната кампања. Ќе се очекува поголем дел од медиумите да посветат внимание на теми што се значајни за партиите, а не за јавниот интерес на граѓаните, и тоа ќе биде на штета на граѓаните – истакнува Секуловски.

Според него, неспорно е дека медиумите се погодени од кризата затоа што се намалуваат приходите од реклами, меѓутоа обврска на Владата во ваква ситуација е да ја олесни работата на медиумите. Сепак, директната помош може да ја загрози нивната независност.

На иста линија со ЗНМ е и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Тие во принцип се против давање јавни пари во медиуми, а особено што владата најавува вакви мерки без консултација со струката.

– Останува нејасно дали Владата на овој начин би ги помагала сопствениците на медиумите или новинарите и новинарството, затоа што меѓу првите што останаа без работа во времето на корона-кризата беа токму новинари, а во најава во повеќе медиуми е и намалување на нивните плати – велат од ССНМ.

Против фондот за поддршка на медиуми се изјаснија и од кабелскиот оператор „Телекабел“, од каде што се сомневаат дека ваквата мерка ќе биде штетна за нив.

Првиот човек на „Телекабел“, Роберт Димитров, во изјава за Телевизијата „24 вести“ предупреди дека ако владата ја оствари својата намера, тоа ќе го платат граѓаните.

– Добивме информација дека уредбата ќе се однесува на формирање некаков фонд за помош на медиумите, а тој фонд ќе го полнат сите оператори, кои ќе бидат задолжени да плаќаат 1 посто од бруто-приходот. Новата давачка ќе продуцира покачување на месечната претплата, а во ова време на криза не е во ред да се покачи месечната претплата затоа што на некој му текнало дека граѓаните треба да ги финансираат Сител, Канал 5, Алфа, Телма и Алсат – вели Димитров.

Тој најавува дека кабелските оператори остро ќе се спротивстават на оваа одлука.

– Доколку се донесе ваква уредба и ни се наметне нова обврска, петте национални телевизии ќе бидат исклучени од ‘Телекабел’. Ние ги запознавме и странските фактори во државата и домашните и сѐ уште имаме некоја надеж дека разумот ќе победи – смета Димитров.

Инаку формирањето фонд за поддршка на медиумите на 11 мај го најави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во емисијата „Отворено“ на Телевизијата „24 вести“.

– Ние веќе дозволивме финансиска поддршка на печатените медиуми. Размислуваме за уредба со која што ќе добиваат финансиска поддршка затоа што медиумите се една од најпогодените индустрии од последиците на корона-вирусот, има голем број раскинувања на рекламни договори и тоа е светски факт. Размислуваме за поддршка на сите медиуми, не зборуваме за селективно, не зборуваме за рекламни кампањи, зборуваме за поддршка на работата на медиумите врз основа на јавно утврдени критериуми – објасни Манчевски.

Тој негира дека ваквата мерка ќе значи корупција во медиумите со јавни пари и влијание врз уредувачка политика на медиумите, затоа што овие пари немале да бидат дадени селективно, како што правела претходната влада, туку на сите медиуми.

– Тоа беа рекламни кампањи што беа платени со парите на граѓаните, а кои што служеа за промоција на политиките на тогашната владечка партија – објаснува Манчевски.

На прашањето дали бојкотот на националните телевизии за необјавување во живо на изјавите на владините функционери ја принудила владата на ваков чекор, Манчевски вели дека тие не се цврсто решени за оваа мерка, туку дека размислувале како една можна варијанта поради кризата со корона-вирусот. Освен тоа, тој открива дека претставници на медиумски асоцијации без да наведе кои се тие, се жалеле дека немаат пари да ги задржат на работа новинарите.

Инаку, сите медиуми во земјава се опфатени со антикризните мерки на Владата за справување со последиците од кризата со корона-вирусот, кои предвидуваат субвенционирање на платите на новинарите и медиумските работници за два месеца во висина од 14.500 илјади денари. Само според оваа основа, владата за два месеца ќе ги помогне медиумите со над 200 илјади евра.

Освен тоа, како антикризна мерка, и во обид да им помогне на радиодифузните медиуми, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги им го прости за две години надоместокот за работа на сите приватни телевизии и радија во земјава, во износ од над еден милион евра. Само јавниот сервис, Македонската радио-телевизија доби помош од околу половина милион евра.

Дополнително, медиумите во земјата во име на политичко огласување лани за  предизборната кампања на претседателските избори поделија околу 4 милиони евра, а уште толку средства треба да се потрошат годинава за политичко огласување на партиите, наменети за предвремените парламентарни избори.

Автор: Насер Селмани 

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.