Lubço Zllatev

ОЈО со обвинителен предлог против Љупчо Златев за оддавање на службена тајна

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против главниот уредник на порталот „Економски лидер“, Љупчо Златев за продолжено кривично дело – Оддавање службена тајна, информираат од ОЈО Скопје.

„Во текот на првата половина на јули обвинетиот како главен и одговорен уредник на интернет портал, направил достапни на јавноста податоци од Управата за безбедност и контраразузнавање, сегашна Агенција за национална безбедност, до кои дошол на противправен начин. Според внатрешните прописи на Агенцијата, објавените информации се класифицирани како службена тајна чие откривање има или може да има штетни последици за Агенцијата за национална безбедност. На 9 јули на интернет порталот и на фејсбук-страницата на тој интернет портал, обвинетиот објавил текст со наслов: „Скандалозни документи од Управата за безбедност и контраразунавање: Синот отстранет од Агенцијата за национална безбедност, затоа што таткото протестирал против промена на името“. На 12 јули, пак, на интернет порталот тој објавил текст со наслов: „(Видео) Христовски: Мојот син е жртва, исклучен од Агенцијата за национална безбедност затоа што УБК ме следела како терорист“. Во двата текста обвинетиот на јавноста и сторил достапни копии од документи од Управата за безбедност и контраразузнавање – акти од оперативна проверка на лице, кои претставуваат класифицирани информации,“ велат од Обвинителство.

Златев, по повод обвинителниот акт се огласи на неговиот фејсбук-профил.

„Јас објавив дека само поради тоа што еден татко одел на протести против промената на името, синот изгубил безбедносен сертификат и поради тоа изгубил можност да работи во Агенцијата за национална безбедност. Оваа конструкција на УБК е класичен удар кон политичките слободи на граѓаните, огромен јавен интерес и поради тоа ги објавив документите кои ми ги достави свиркач. Доколку сега добијам слични документи, без да размислувам ќе ги објавам! Делото можам да го повторам веднаш, бидејќи слободата и демократијата ми се поважни од било која уредба,“ меѓудругото се вели во објавата на Златев.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.