Поведени четири прекршочни постапки за службеници кои не постапиле по барања за информации од јавен карактер

Четири прекршочни постапки се при крај за службени лица во институциите – иматели на информации од јавен карактер, кои не постапиле по однос на барањето за пристап до информации од јавен карактер, одговори денеска директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите, Пламенка Бојчева на прашање на „Мета.мк“.

Имало шест поведени прекршочни постапки, но две од нив биле повлечени, бидејќи било постапено по барањето за пристап до информации од јавен карактер.

Со Законот од 2019 година, прецизирани се одредбите за извршување на прекршочни санкции кон имателите на информациите, кои не постапиле по барање за пристап до истите, што претставува значајна алатка за подобрување на резултатите од работењето на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите.

„Новитет од големо значење во работата на Агенцијата е прекршочната комисија, Воведена е можност за изготвување на санкции кон оние иматели на информации кои не постапиле по дадениот пристап до информации или по решение на Агенцијата. Со тоа конечно имаме алатка преку која како Агенција можеме да влијаеме за поголема транспарентност и да ја оправдаме довербата на барателите,“ рече Бојчева на денешната прес-конференција по повод Меѓународниот ден на слободен пристап до информации.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.