Приватните телевизии на Пендаровски му пренесоа дека се задоволни од измените во Законот за АВМУ

Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со делегација на Македонската медиумска асоцијација на приватни национални телевизии, информираат од неговиот кабинет. Поводот за остварената средба се предложените измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се регулира начинот на реемитување на програмските сервиси на домашните и странските радиодифузери од страна на операторите.
Претставниците на националните телевизии на претседателот Пендаровски му укажале дека предложените измени во законот за нив се целосно прифатливи и очекуваат тие да бидат усвоени од страна на Собранието.
„Претставниците на петте македонски национални телевизии ги пренесоа аргументите, фактите и ставовите на нивните медиуми во однос на постапката започната во Собранието за предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, се вели во соопштението испратено од претседателскиот кабинет.
Со осмите по ред измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на телекомските оператори им се овозможува да ги емитуваат домашните и странски телевизиски канали на начин и под услови регулирани со членот 143 од Законот, односно со регулирани авторски и сродни права со телевизиите.
Претседателот Стево Пендаровски во текот на вчерашниот ден на истата тема имаше информативна средба и со претставниците на телекомските оператори на која беше запознат и со нивните ставови. За разлика од телевизиите, операторите излегоа со став дека не се согласуваат со предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.