KEMM - SPGM - ShGM

Промовирана Повелбата на Европската федерација за условите за работа на новинарите

Сојузот на синидикати на новинари (ССНМ), Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Здружението на новинари (ЗНМ) денеска ја потпишаа и промовираа Повелбата на Европската федерација на новинари за условите за работа на новинарите.
ССНМ е единствениот потписник од Македонија на оваа Повелба, која за прв пат беше промовирана лани во Белград и до овој момент 19 медиумски организации, синдикати и новинарски здруженија во Европа ја имаат прифатено односно потпишано.
Повелбата главно се однесува на работните услови за новинарите и медиумските работници, но и за професионални и етички стандарди.
„Во повелбата има 10 члена кои ги опфаќаат условите и факторите во процесот на работа кои се клучни за професионално, објективно и слободно извршување на новинарската професија. На пример, слобода на здружување, право на пишан договор, право на колективен договор, право на колективно преговарање, недискриминација при вработување, право на одмор и исклучување, право на заштита на новинарските извори, право на непотпишување на одредена содржина, безбедност и заштита, добро владеење, етички стандарди, пристојни услови за работа,“ рече Дарко Дуридански од ССНМ.
На денешната прес-конференција, исто така беше истакнато дека ССНМ изработил таканаречени нацрт фер-договори за вработување во дигиталните медиуми со цел подобрување на условите за работа, соодветен надомест за сработеното, односно почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници.
„На работникот не може да му престане работниот однос или да му се намали платата, ниту пак да му се загрози положбата што ја има во редакцијата заради изнесени вистинити тврдења во јавност, ако одбие да изврши налог со кој се кршат етичките правила на професијата или налогот би бил спротивен на уредувачката концепција во согласност со јавниот интерес, заради мислење кое надвор од медиумот, го изразил како личен став или доколку членува во синдикат или синдикални активности,“ додаде Дуридански.
Главната цел на овие договори, кои ќе бидат достапни на веб-страницата на ССНМ е намалување на несигурната работа, без социјално и пензиско осигурување, со краткотрајни договори и слично.
Од ССНМ препорачуваат сопствениците на медиумите да ги прифатат овие договори или барем начелата кои се вметнати во нив, а ќе следи и промоција на повелбата кај нас како и во Европа.
Претседателката на СЕММ, Катарина Синдановски рече дека не може да има независно и професионално новинарство ако не се почитуваат етичките стандарди доколку новинарите се соочени со притисоци, со недоволен финансиски надомест, цензура, самоцензура.
„Овие договори сметаме дека сериозно ќе може да влијаат како процес, односно да ја зголемат свеста кај сопствениците на медиумите што значи да се има медиум колку е тоа одговорна позиција во општеството. А исто така и за колегите дека имаат права, за кои треба да се борат и не се сами,“ рече Синадиновска.
Потпишувањето на нацрт-договорите ќе биде додаден во дополнителните критериуми кои Регистарот на професионални онлјан медиуми ги пропишува, така што медиумите кои ќе бидат потписници на овие договори ќе имаат уште еден плус на сметката на својата професионалност.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека менаџментот и новинарите треба да сфатат дека секојдневно треба да функционираат на највиско ниво и да се штитат меѓу себе.
„Она што е особено значајно е што оваа Повелба доаѓа во време кога го промовиравме Регистарот на професионални онлајн медиуми, што е уште еден чекор во насока на создавање на медиумите во онлајн сферата кои ќе се држат до професионалните стандарди од секој аспект,“ рече Чадиковски.

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.