Радио станиците бараат АЕК да ги ослободи од плаќањето на радио фреквенции за годинава

Радио станиците од земјава бараат Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да ја испочитува владината одлука за ослободување од плаќање фреквенции кон АЕК, како дел од помошта на медиумите за состојбата со ковид-19. Од Асоцијацијата на приватни електронски медиуми на Македонија (АПЕММ) бараат АЕК да ги сторнира сите фактури, да излезе во пресрет на медиумите и да ја почитува одлуката на владата.

„Имаме апсурдна ситуација каде што поради бирократски причини АЕК не ја почитува Владата во нејзината одлука и директорот Сашо Димитријоски, пушти писма до сите радио станици да ја платат фреквенцијата за 2020, бидејќи фактурирањето кон медиумите било 13 дена пред одлуката на Владата“, велат од АПЕММ.

Овие медиуми добиле порака од АЕК дека радио станиците ќе бидат ослободени од плаќање фреквенции за 2021 година, но од АПЕММ сметаат дека ваквото ослободување ќе биде предоцна и непотребно, а и не е во согласност со владината одлука.

АПЕММ бараше од Владата радио станиците да бидат ослободени од плаќање фреквенции кон АЕК како дел од помошта на медиумите за состојбата со ковид-19, при што извршната власт позитивно одговори преку прифаќање на ваквото барање, на владината седница што се одржа на 10 јуни.

„Радијата кои до денот на влегувањето во сила на оваа уредба го платиле годишниот надоместок за 2020 година, ќе се смета дека извршиле плаќање на годишен надоместок за 2021 година за користење на радиофреквенции“, соопштија тогаш од владата.

Истовремено, владата во јуни одлучи ЈП Македонска радиодифузија (МРД) на радио станиците да не им наплаќа трошоци за обезбедување на енергетско напојување на радиодифузните уреди за 2020 година и трошоци за закуп на деловен простор на радиодифузни објекти на ЈП МРД за 2020 година.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.