Реформата на законодавството за клевета тргна од мртва точка

Реформата на законодавството за клевета и навреда, која е една од реформските приоритети во сферата на медиумите, тргна од мртва точка.

По најавата на министерот за правда, Бојан Маричиќ, на почеток на месецот, дека ќе се направи ревизија на законодавството што се однесува на поголема заштита на  новинарите, Работната група за ревизија на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда, со која раководи академик Владо Камбовски, вчера го имаше првиот работен состанок.

Членови на работната група се и судијата на Врховниот суд, Мирјана Лазаревска, претставник од Министерство за правда, шест судии од Граѓански суд, локален експерт и претставници на Здружението на новинари на Македонија и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

На првиот состанок имало првично согледување на состојбата и се давале конкретни предлози какви измени во Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда се потребни, со кои, од една страна, ќе се исполнат преземените реформски обврски на властите, но, од друга страна, ќе бидат и од корист за работата на новинарите.

Но, што утврди германскиот експерт Рајндхард Прибе во својот извештај уште во 2015 година, кога експертска група правеше скенирање на целиот систем на земјата, утврди дека се работи за заробена држава?

Прво, Прибе бара да се направат законски реформи, со кои ќе се намали бројот на предметите за клeвета и навреда што се процесуираат во судовите. Тој смета дека ваквата цел треба да се постигне преку ревидирање на законодавството за клевета, од каде што ќе се избришат деловите на законот што зборуваат за чест, достоинство или навреда, што се покренуваат врз основа на законската дефиниција „навреда“, а се надвор од опфатот на навреда во смисла на членот 10 од Европската конвенција за човековите права и слободи.

Второ, Прибе препорачува ревидирање на правилата со цел од судски процеси да се исклучат малите случаи и наместо судски постапки да се зголеми примената на медијацијата за решавање на овие спорови.

Трето, наместо судски постапки да се промовира користењето на саморегулацијата како алтернатива за судско постапување. Тоа значи дека треба да се смени свеста на јавноста, која кога ќе се соочи со спорни објави во медиумите, да не побрза веднаш да покрене тужба против новинарите, туку да се обиде спорот да го реши преку поднесување жалби до саморегулаторните тела во медиумите.

И на крај, Прибе бара поголема свест кај политичарите, кои треба да се воздржат од поднесување тужби за клевета против новинарите и да покажат повисок праг на толеранција кон јавната критика.

Практично, Прибе бара комбиниран пристап за намалување на бројот на тужбите за клевета против новинарите, законски интервенции и промена на свеста кај носителите на јавни функции, кои треба да имаат поголема толеранција кон јавната критика во медиумите, и на крајот, зајакнување на саморегулаторните механизми во медиумите.

На вчерашната работна група бил презентиран и извештајот за состојбата со тужбите за клевета и навреда во македонските судови, изготвен од македонски експерт, кој се базира на разговори со судии, како и анализа на пресуди од сите нивоа на судството.

Она што вреди да се истакне од анализата е дека судовите во просек досудувале само 10 отсто од надоместокот на нематеријална штета во споредба со првичната побарана сума од странките што тужеле за нарушување на чест и углед.

Друг битен податок од анализата е дека од вкупно 30 пресуди донесени од македонските судови за клевета и навреда, 15 се однесуваат на предмети против новинари.

Како добра практика се смета тоа што има пресуди каде судијата досудува само повреда на правото на оштетена страна, но не досудува и нематеријална штета. Позитивно е што во дел од пресудите судиите се повикуваат на праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Инаку, во врска со претстојната реформа на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда, Здружението на новинари на Македонија изготви интерна анализа за спроведување на законот во последните осум години од неговото донесување во 2012 година.

Во анализата се констатира дека законот ги постигнал целите заради кои бил донесен, особено околу намалувањето на бројот на тужбите за клевета против новинарите. Така, ако во 2012 година имало 330 тужби против новинари по македонските судови, во 2017 година нивниот број значајно опаднал на 39 тужби.

Друг позитивен развој за примената на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда е тоа што има сѐ помал број тужби против новинари покренати од високи владини или политички актери. Тоа се должи на јавните заложби на неколку политички партии дека нема да покренуваат тужби за клевета против новинари како придонес за слободата на медиумите во земјата.

Но, она што го загрижува ЗНМ околу примената на законот е фактот дека постапките против новинари пред судовите траат премногу долго, што остава простор да се изврши дополнителен притисок врз работата на новинарите или евентуално и да се принудат да применат самоцензура во својата секојдневна работа поради активниот предмет во судот. Така, за две години биле донесени само пет правосилни пресуди од страна на апелационите судови во земјата.

Во анализата на ЗНМ, исто така, се забележува дека кога во предмет како странка е вклучен висок државен функционер, судовите се склони постапката да ја водат значајно побрзо. Освен тоа, судовите сѐ повеќе се склони да ја применат праксата на Европскиот суд за човекови права кога во предметот како странки не се вклучени носители на високи јавни функции.

Во ЗНМ се задоволни што апелационите судови конечно ја решија дилемата околу постапувањето на судовите за тужбите за клевета против порталите, кои го уважија укажувањето на Врховниот суд за усогласување на судската пракса. Со тоа станува беспредметно барањето за дополнително законско регулирање на онлајн-медиумите.

Дополнителна загриженост за Здружението се високите такси во граѓанската постапка, кои претставуваат дополнително финансиско оптоварување за новинарите.

Во интерната анализа на ЗНМ се посочени два ризика што можат да го загрозат процесот на подобрување на судската пракса во врска со постапувањето на судовите кон тужбите за клевета и навреда против новинари.

Првата грижа се јавните закани на високи владини и политички функционери кон новинарите дека ќе бидат тужени поради критички објави во медиумите. Таков пример е случајот на директорката на Националната агенција за европски образовани програми и мобилност, Лидија Димова, која им се закани на колегите од порталот „А1Он“ за објавените скандали во врска со начинот на доделувањето на грантовите од страна на Агенцијата.

Втора причина за загриженост е одлуката на Граѓанскиот суд во Скопје од септември минатата година тужбите за клевета против новинари да ги судат сите судии, а не само тројцата обучени судии, кои досега ги решаваа овие предмети.

Стравот е дека другите судии не се обучени и нема да можат ефективно да ја применат праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и соодветно да направат баланс меѓу правото на чест и углед и јавниот интерес на јавноста да биде информирана. Со тоа може да се доведе во прашање позитивната пракса што е изградена во Граѓанскиот суд во примената на судската пракса од ЕСЧП.

ЗНМ во работната група, која има задача да изготви измени и дополнувања на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда, ќе лобира за намалување на надоместокот на штета сторена од новинар, чиј максимален износ сега е ограничен на две илјади евра, што споредено со висината на новинарските плати апсолутно е непропорционален и може да предизвика самоцензура.

Здружението се противи и на идејата навредата да се избрише од Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда и да се префрли во Законот за облигационите односи затоа што роковите за застарување таму се до три години, што може да биде дополнителен притисок за новинарите.

И на крајот, тие сметаат дека идејата за медијација во решавање на спорови за клевета е беспредметна затоа што во постојниот закон има добро решение, барање за извинување или јавно повлекување на изјава или текст, право на демант и исправка.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.