„Телма“ реагира на АВМУ која поднесе жалба на пресудата дека телевизијата не го прекршила изборниот молк

Телевизија „Телма“ реагираше на тоа што АВМУ се жали пред Апелациониот суд за ослободителната пресуда од Основниот суд Скопје 1, кој утврди дека „Телма“ не го прекршила изборниот молк со изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, која беше емитувана на 13 јули. Судот утврдил дека е од јавен интерес и исклучиво во функција на информирање на јавноста за состојбата и справувањето со пандемијата со ковид-19 а не прекршок од чл. 76 од Изборниот законик.

„Факт е дека телевизијата „Телма“ емитуваше прилог во кој имаше изјава од министерот Филипче за подготовка на вториот бран од корона вирусот на 13 јули. Следниот ден телевизијата доби прекршочна пријава од АВМУ по што уредникот на информативната програма Снежана Лупевска Созен се јави во АВМУ за да провери за што е пријавата. По ова следеше допис од телевизијата до Советот на АВМУ во кој е јасно наведено дека „Телма“ се водела единствено од потребите јавноста да биде информирана со реалната состојба со кризата околу ковид-19. Неточно е и тврдењето дека изјавата на Филипче е пуштена поради политички притисок, туку „Телма“ се водеше исклучиво од јавниот интерес, а овој став го зазема и Основниот суд Скопје 1, со ослободителна пресуда,“ гласи ставот на „Телма“.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги реагираше на ставот на „Телма“ и ја образложи жалбата која ја поднела до Апелационен суд.

„Неспорно е правото на јавноста да биде информирана за состојбата со корона вирусот и активностите на здравствените власти, меѓутоа, без притоа да биде прекршен изборниот молк. Согласно Изборниот законик, за време на изборен молк не смеат да се емитуваат изјави од носители на функции во органите на власта и информацијата наместо од министерот кој воедно активно учествуваше во кампањата на Коалицијата „Можеме“ на средби со граѓани и во рекламни спотови, можела да биде пренесена на друг соодветен начин кој би бил во согласност со одредбите на Изборниот законик, како што тоа го направија другите радиодифузери,“ велат од таму.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ja поздравува одлуката на Основниот суд – Скопје 1 со која се констатира дека телевизија „Телма“ не го прекршила изборниот молк, врз основа на прекршочната пријава поднесена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) .

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.