УЈП: Медиумите можат да аплицираат за субвенциoнирање на придонеси од задолжително социјално осигурување

Управата за јавни приходи соопшти дека согласно Уредбата со законска сила за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработени во медиуми, на работодавачот – медиум за секој осигуреник за месец јуни, јули и август 2020 година му се субвенционира 100 отсто од износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување.

„За остварување на правото за субвенционирање, работодавачот – медиум со комплетно Барање за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување (образец БС-ПЗСОМ) во Месечната пресметка за интергрирана наплата (МПИН образец) за осигуреникот за кој бара субвенционирање на плаќањето на придонеси во полето 3.23 внесува шифра 630. За поднесување на пресметката треба да се преземе новата верзија на клиентски софтвер,“ соопштуваат од УЈП.

Владата неодамна соопшти дека има три услови под кои стопроцентно ќе ги покрива придонесите на плата на вработените во медиумите и медиумските куќи, телевизиите, радиодифузерите, печатените медиуми, како и електронските интернет портали.

Првиот услов е медиумите кои ги намалиле платите на вработените во кризата да ги вратат на ниво пред почетокот на вонредната состојба, второ, да немаат отпуштено ниту еден вработен поради кризата и трето да имаат најмалку тројца вработени на неопределено време.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.