Владата платила само 250 евра за реклами на „Фејсбук“ и „Твитер“

Владата на Република Македонија на 22 август донесе одлука со која повеќе нема да нарачува реклами во електронските радиодифузери, во весниците и порталите, како и билборди, но го задржува правото да информира за своите активности преку социјалните медиуми. За таквото информирање од нејзиното назначување во јуни се потрошени 15.800 денари, одговори портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на прашањата од „Мета“ за владиното рекламирање на социјалните мрежи.

Тој вели дека Владата е определена да креира демократски простор за информирање за граѓаните да донесуваат слободно мислење и тоа го докажала со одлуката да не се рекламира по медиуми и на билборди.

„На 22 август Владата на Република Македонија во рамки на планот 3-6-9 изгласа мерка со која нема повеќе да се јавува како нарачател на реклами, кампањи и спотови на платен простор во електронски комерцијални радиодифузери – телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали и сл. (со исклучок на социјалните медиуми). Со оваа одлука се спречува во иднина било која влада да го наметнува своето влијание врз медиумите, преку плаќање големи суми за реклами, практика која се случуваше во минатото“, вели Бошњаковски во одговорот што ни го испрати.

Според владиниот портпарол, Владата за информирање на јавноста за своите мерки и активности ќе ги користи социјалните медиуми, оти во нив не може да се наметне моќ и влијание од државните институции, но и рекламирањето таму чини многу помалку отколку во медиумите.

„Во моментов социјалните медиуми се најевтин канал за комуникација, и имајќи предвид дека кај нив не постои централно уредништво како кај другите медиуми, нема закана за наметнување на моќ и влијание од страна на државните институции кои комуницираат со граѓаните, и токму затоа се користат од многу влади во светот“, појаснува Бошњаковски, додавајќи дека на тоа се потрошени вкупно 15.800 денари“, одговори Бошњаковски.

Во ноември 2017 година, „Макфакс“ објави сторија под наслов „Најмалку 120 луѓе работат пиар во министерствата и Владата“, според која толкав број лица се ангажирани во Владата и во министерствата работат односи со јавност, пиар и комуникации.

Според информациите што ги добила агенцијата, за 2017 година за платите на овие вработени досега биле потрошени најмалку 562 илјади евра, но податоците не се целосни поради тоа што годината тогаш не била завршена, но и поради тоа што некои од институциите дале податоци само за шест, седум или осум месеци.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.