Владата со законски измени сака да го реши спорот меѓу кабелските оператори и телевизиите

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по втор пат годинава би можело да претрпи измени откако Владата до Собранието ги испрати предложените законски измени со кои би се избришал членот 143 од овој закон, со кој операторите се ослободуваат од обврската под целосна материјална и кривична одговорност да гарантираат за регулирани авторски права за реемитување на содржините од странските канали.

Од Владата образложуваат дека со предлог законот ќе се усогласат обврските на радиодифузерите и операторите во делот на авторските права за емитување или реемитување на програмски сервиси од странски радиодифузери со предметот на уредување утврден со Законот за авторското право и сродните права, без притоа да има дополнителна регулација во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Инаку, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на последната седница донесе и Заклучок со кој се одложи примената на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за содржината и формата на пријавата за евидентирање во регистарот на оператори кои реемитуваат програмски пакети и на потврдата за регистрација на програмски пакети/сервиси бр.01-5775/1 од 21.11.2014 година (Службен весник на РС Македонија бр.152/20), Упатството за постапката за утврдување на одговорноста за сторена повреда или прекршување при реемитување на програмски сервиси на радиодифузери од друга држава, и Упатството за начинот на регистрација и бришење на законски застапник на радиодифузер од друга држава во регистарот на законски застапници на радиодифузери од други држави кои се реемитуваат на територијата на РС Македонија, сите три објавени во Службен весник на Р.С. Македонија бр. 152/20 од 09.06.2020 година, во рок од 30 дена од донесување на овој Заклучок.

Инаку, кабелските оператори на крајот од октомври повторно се заканија дека на 8 ноември ќе ги исклучат сите странски и домашни телевизиски канали, доколку владата не го реши проблемот со законот којшто за нив е спорен, во делот кој им налага обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои ги реемитуваат, и за тоа тие да сносат кривична и материјална одговорност. До ова не дојде, а Владата на 16-тата седница ја прифати и Информацијата на Министерството за информатичко општество и администрација за постапката пред Уставниот суд на Република Северна Македонија по иницијативата за оценување на уставноста на член 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Министерството ја очекува одлуката на Уставниот суд, по што ќе постапи соодветно на мислењето на судот.

Револтот на кабелските оператори се појави со последните законски измени од 16 февруари годинава, при што на 21 јуни тие привремено ја исклучија телевизиската програма што ја реемитуваат.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.