Здружението на новинарите на Македонија го осудува однесувањето на вработените во Уставниот суд кои на недозволив и неевропски начин ги третираа новинарските екипи кои сакаа да ја проследат денешната средба меѓу претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.
„И покрај тоа што медиумите уредно биле поканети за да ја проследат средбата, на новинарските екипи им било дозволено само да снимат неколку инсерти, а потоа биле избркани од зградата на Судот.Иако во просториите на Уставниот суд има просторија која е предвидена за новинари, вработените во Судот на дрзок начин ги испратиле новинарите надвор од зградата и ги известиле дека изјави за средбата ќе можат да се земат само надвор од зградата.Овој инцидент е дополнително недозволив кога се знае дека токму Уставниот суд е оној кој треба да биде главен заштитник на слободата на говорот“, се вели во соопштението на ЗНМ.
Од таму го повикаа Судот во иднина да обезбеди достојни услови за работа на новинарите и да не поставува негативен пример во општеството за односот институција – новинари.
Осуда на настанот пристигна и од Самостојниот синдикат на новинаските и медиумските работници (ССНМ).
„Овој преседан е жесток удар врз правото на граѓаните преку медиумите да се информираат за најактуелните проблеми што директно ги засегаат. Дополнително, институцијата што треба да биде меѓу најугледните во едно демократско општество со овој потег создава лоша пракса на нетранспарентност којашто може да ја следат и другите“, се вели во соопштението на ССНМ.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.