ЗНМ и ССНМ: Уредбата на Владата за помош на медиумите е селективна и не ги опфаќа сите медиуми

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост за состојбата на локалните и регионалните радиодифузери кои, најавија дека ќе штрајкуваат со делумен прекин на програмата.

„Оваа одлука на локалните и регионалните телевизии следи откако Владата на 30 мај 2020 година, донесе уредба со законска сила според која средства од Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19 се пренаменуваат за поддршка на одредени медиуми. Со оваа уредба на петте национални телевизии („Канал 5“, „Сител“, „Алфа“, „Телма“ и „Алсат – М“), како и на останати шест регионални телевизии кои имаат дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, Владата ќе им покрие годишен трошок кон операторот А1 во висина од над половина милион евра,“ се вели во соопштението на ЗНМ и ССНМ.

Во него се додава дека ваквата одлука на Владата ги дискриминира останатите радиодифузери кои не се опфатени со оваа мерка и се нарушува медиумскиот пазар на штета на тие медиуми.

„Загрижува тоа што владата не ги земала предвид регионалните и локални медиуми кои според сите податоци и кај нас, и во светот, најмногу од сите други медиуми се соочуваат со економски проблеми. Потсетуваме дека информациите од локалните заедници се од големо значење за информирање на граѓаните, особено во овој период на криза. Ја повикуваме Владата да ја преиспита оваа уредба, со цел да бидат опфатени сите радиодифузери кои ги исполнуваат условите за концесија. Тоа значи, освен на локалните и на сите останати национални радиодифузери кои не емитуваат преку терестријален мултиплекс, а имаат големи трошоци за пренесување на сигналот, треба да бидат опфатени со оваа уредба, без притоа да се создава дискриминација кон медиумите по кој било основ,“ велат од ЗНМ и ССНМ.

Од таму потсетуваат дека реагираа и против избрзаните решенија за финансирање на медиумите и укажаа дека доколку продолжи кризата треба да се изнајде тип на финансиска поддршка која ќе ги опфати сите медиуми, вклучувајќи ги тука и онлајн медиумите.

Инаку регионалните и локалните телевизиски станици кои емитуваат програма преку оператори на електронска комуникациска мрежа, а се членки на здружението „Медиум објектив“, од денеска стапуваат во штрајк со едночасовен прекин на програма во периодот од 19 до 20 часот. Штрајкот ќе трае секојдневно, а во позадината на црниот екран ќе биде испишан текст: „ШТРАЈК поради нееднаков третман на Владата на Република Северна Македонија кон радиодифузерите“.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.