Владата е свесна за ситуацијата со долгот на „Македонската радио-телевизија“ (МРТ), но досега нема разговарано за овој проблем, изјави денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Тој додаде дека долгот дополнително ги отежнува медиумските реформи.
– Свесни сме за ситуацијата. Во тек се реформите во медиумскиот дел според препораките на Прибе. Самиот долг е нешто што дополнително ги отежнува работите, но во моментов немаме ништо разговарано околу долгот на МРТ. Дополнително ќе се расправа за тоа. Сите работни групи работат, медиумските реформи сè уште се во фаза на подготовка. Се очекува да бидат готови до крајот на годината – рече Бошњаковски.
„Македонската радио-телевизија“ веќе не може да ги користи услугите на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) поради неплатен долг, кој изнесува околу 500.000 евра.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера ја повика Владата итно, во најкус можен рок, да обезбеди пари за намирување на долгот, а идентичен заклучок донел и програмскиот совет на МРТ на завчерашната седница.
Ненамирувањето на долгот значи дека МРТ нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, документарна програма. Во моментов, според информациите од централата на ЕБУ, МРТ нема пристап до содржините што се емитуваат преку нивните сервиси.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.