Донесено Упатството за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер го донесе новото Упатство за начинот на спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, информираат од оваа агенција.

„Целта на ова Упатство е согласно Законот, на физичките и на правните лица (баратели на информации) да им се овозможи побрзо и поефикасно да го остварат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и да се обезбеди јавност и отвореност во работењето на имателите на информации, кои се должни да овозможат информирање на јавноста“, се вели во нивното соопштение.

Во донесеното Упатство се наведува дека барателите на информации до институциите можат да го поднесат барањето усно, во писмена форма или во електронска форма. Доколку станува збор за усно барање, имателот на информации е должен веднаш, а најдоцна во рок од пет дена од денот на поднесувањето на барањето да му овозможи на барателот запознавање со бараната содржина. Ако се одбие усното барање, службеното лице за посредување со информации треба да изготви решение и постапката за одговор да продолжи како по писмено барање.

Институцијата од која по писмено барање или електронски пат се бара да даде информации од јавен карактер е должна да им одговори на барателите најдоцна 20 дена од приемот на барањето. Само кога бараната информација е обемна или кога на барателот му се овозможува делумен пристап до бараната информација, рокот за одговор може да се продолжи до 30 дена, се наведува во Упатството.

Доколку се одбие барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер, институцијата мора да спроведе тест за штетност како задолжителна постапка пред одбивање на пристапот до информации, при што овој документ мора да биде вклучен во одговорот што ќе се достави до барателот на информации.

Упатството донесено од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ја определува и постапката по која барателите на информации можат да се жалат до оваа агенција во случај на молчење на институциите или прекршување на постапката.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.