Извештај на ЕК: Државата да ги приоритизира реформите за финансиска стабилност и независност на МРТ

Европската комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на нашата земја за 2020 година упатува забелешки за неспроведување на реформите во Македонската радио-телевизија (МРТ). Во делот за слобода на изразување, ЕК нотира дека минатогодишните препораки остануваат на сила. Прва на листата е токму приоритизирањето на реформите во МРТ преку обезбедување на нејзината финансиска одржливост и независност, заедно со назначувањето на нови членови на Програмскиот совет на МРТ.

„Потребни се одржливи решенија за да се осигура независноста, финансиската одржливост и почитувањето на професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис“, се наведува во Извештајот на ЕК.

Во поглавјето за слободата на изразување, направен е ограничен напредок за време на извештајниот период, посочува Европската комисија. Притоа, се нагласува дека реформата на МРТ се наоѓа во рана фаза и треба да му се даде приоритет на ова прашање. Во Извештајот на ЕК се вели дека владата има дискреционо право со Законот за ААВМУ да извршува трансфер на средства кон МРТ кои се помали од законски гарантираниот процент, кој во 2021 година треба да достигне еден отсто од приходите реализирани во државниот буџет за годинава.

„Поеднакво важно е да се најдат решенија за старите долгови на јавниот радиодифузен сервис кон државните институции. Потребни се дополнителни напори за да се подобри квалитетот на неговото известување и да се модернизираат неговите работни процедури и техничката опрема“, се вели во Извештајот на ЕК што се однесува за делот на МРТ.

Во однос на поглавјето за информатичкото општество и медиуми, Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава уште еднаш ја потенцира препораката за зајакнување на независноста и капацитетот на јавниот радиодифузен сервис. Воедно, наведено е дека Собранието на РСМ не успеало да ги назначи новите членови на Програмскиот совет на МРТ, коешто е всушност раководен орган на МРТ.

Инаку, „Мета.мк“ испрати прашања во два наврати до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во врска со висината на средствата што планира владата да ги одвои за МРТ, за потребата од нови вработувања во јавниот радиодифузен сервис и за потребата од преземање иницијатива до Собранието на РСМ да се избере нов Програмски совет на МРТ. На прашањата поставени на 22 септември годинава, не ни се доставени одговори до денешен ден.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.