Најголемиот дел од буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во 2018 година ќе се потроши за „Македонската радио-телевизија“ (МРТ), Македонска радиодифузија (МРД) и за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), посочи денеска министерот Дамјан Манчевски.
Тој појасни дека вкупниот буџет на Министерството за следната година изнесува 1,486 милијарда денари, односно 24,088 милиони евра, и е три и пол пати поголем од претходниот. Најголемиот дел од тие пари, односно 1,19 милијарда денари (19,290 милиони евра), ќе бидат за МРТ, МРД и за ААВМУ.
– Со ова обезбедивме, пред сè, стабилно и независно финансирање на овие три чинители од радиодифузната дејност. Ова одржливо финансирање, конечно на МРТВ ќе ѝ даде шанса за развој на автономна и независна уредувачка политика – рече Манчевски.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.