Маричиќ: Ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници

Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на вебинарот „Изменување и дополнување на Кривичниот законик на Северна Македонија: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“ кажа дека Министерството веќе започнало постапка за изготвување на нов Кривичен законик во кој ќе бидат вметнати и кривичните дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници, информираат од Министерството за правда.

За составување на квалитетен текст на законот, од ова министерство веќе одржале состанок со претставниците на новинарска фела и новинарските здруженија, вклучително и ЗНМ и синдикатот.

„Нивните предлози секако се добредојдени, бидејќи само преку отворен дијалог токму со новинарите, ќе можеме да донесеме нов закон кој дополнително ќе ги заштити слободно да си ја извршуваат одговорната работа, а сите оние кои ќе се обидат да ги заплашуваат или пак физички или вербално да нападнат новинари, односно медиумски работници, ригорозно да се казнуваатм“ потенцираше Маричиќ.

Министерот кажа дека во однос на заштитата на новинарите, работната група за Кривичниот законик предложила измени во одредени кривични дела oд потежок облик, секако доколку делото е сторено против новинар. Казните во иднина треба да бидат уште построги.

„Сакам уште еднаш јавно да ги повикам новинарите, претставени преку нивните синдикати и здруженија да ги продолжиме разговорите со цел да се донесат што поквалитетни закони кои ќе ја гарантираат нивната безбедност и слободна работа,“ изјави Маричиќ.

Покрај законските измени, Маричиќ истакна дека сепак една од најзначајните забелешки на темата се во насока на тоа дека е потребно поефикасно постапување од страна на институциите кои се надлежни за истражување и санкционирање.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.