Медиумско-преведувачка конфузија: Мешање на Советот на Европа со Европскиот Совет

При известувањето за неодамнешните случувања поврзани со не/добивањето датум за почеток на преговори за приклучување на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија, низа медиуми погрешно ги пренесоа имињата на клучните европски институции. 

Анализата објавена од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“ документира конфузна и погрешна употреба на имињата на институциите во вестите за средбата на Советот на министри на земјите членки на ЕУ, кој официјално се нарекува Совет на Европската Унија (Council of the European Union) одржан на 14 и 15 октомври во Луксембург, како и за состанокот на Европски Совет (European Council) кој го сочинуваат шефовите на влади, претседателот на ЕУ и претседателот на Европската Комисија одржан на 17 и 18 октомври во Брисел.   

Одредени медиуми при преведувањето на името на овие институции на локалните јазици во Северна Македонија го користеа терминот Совет на Европа (Council of Europe), име на меѓународно тело со седиште во Стразбур, кое нема врска со раководењето на Европската Унија.  

За разлика од ЕУ, Советот на Европа е интернационална организација основана 1950 година посветена на застапување на човековите права, демократијата и владеењето на правото во Европа. Република Северна Македонија е членка на Советот на Европа од 1995 година.  

Членки на Советот на Европа се скоро сите земји од континентот со исклучок на Белорусија (поради неукинувањето на смртната казна) и Ватикан. Сите членки на ЕУ прво биле членки на Советот на Европа, а ЕУ го има и преземено симболот со 12 ѕвезди креиран за Советот на Европа во 1955 година.  

Во рамки на Советот на Европа е усвоена Европската конвенција за човекови права, која обврзна за сите 47 земји-членки. Со неа е воспоставена инстутуцијата Европски суд за човекови права, која е највисока инстанца во нивните судски системи и овозможува граѓаните да се жалат на прекршување на човековите или граѓанските права доколку се исцрпени сите правни средства на национално ниво.  

Конфузното презентирање на имињата на разнородните европски институции ги потврдува и согледувањата од анализата на проф. д-р Мирјана Најчевска за слабиот квалитет на известувањето за пресудите на Европскиот суд за човекови права објавена од Сервисот за проверка на факти уште во 2013 година, посочувајќи на потребата за дополнителна едукација на новинарите за структурата и улогите и на ЕУ и на Советот на Европа.  

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.