Непрофесионални портали не можат да ја прашаат Владата во живо

Одлуката на владата да обезбеди видеопренос во живо преку социјални мрежи на редовните прес-конференции поврзано со пандемијата на коронавирусот, предизвика незадоволство кај дел од интернет-порталите во земјата. Во иднина, на прес-конференциите на Владата нема да можат да присуствуваат новинарските екипи, туку медиумите од редакција без никакво ограничување ќе можат да го преземат видеото од преносот и сите други материјали во пишана форма.

По излагањето на владините претставници, предвидено е новинарите да можат да поставуваат прашања, кои се доставуваат преку мејл, најдоцна половина час пред почнување на конферецнијата за печат. Ваквата мерка треба да помогне во спречување на каква било можност заразата да се шири меѓу медиумските работници и со тоа да се загрози нивното здравје.

Меѓутоа, право на онлајнвклучување за поставување прашање ќе имаат само новинарите од традиционалните радиодифузни и печатени медиуми, регистрирани во Агенцијата за ауодио и аудивизуелни медиумски услуги, како и порталите што се дел од регистарот на Советот за етика во медиумите. Порталите што досега не успеале или не сакале да се регистрираат во СЕЕМ, нема да може во живо да им поставуваат прашања на владините претставници. Преку членството во СЕЕМ, кое функциинира како саморегулаторно тело, тие се обврзуваат на почитување на новинарската етика и исполнуваат основни услови за работа на еден медиум.

ААВМУ повикува на еднаков пристап

Надвор од овој регистар на Советот на етика се порталите Курир, Република, Лидер, Инфомакс, Нетпрес, Вечер и други. Некои од овие медиуми, досега од владини претставници се обвинети за ширење лажни вести и дезинформации во врска со справувањето со коронавирусот со единствена цел да се предизвика страв и паника кај населението.

На ваквата одлука на владата реагира Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, која повика во услови на прогласена вонредна состојба поради коронаврусот, на сите водови медиуми да им се обезбеди еднаков пристап за известување.

Ја повикуваме Владата и државните органи да им овозможат пристап на сите медиуми на своите прес-коференции и слични настани и одговорите на сите неодговорени прашања на конференциите да бидат објавени на нивните веб-страници“, се вели во реакцијата на Агенцијата, од каде што додаваат дека ваквиот пристап е неопходен со цел граѓаните да бидат навремено, објективно и сестрано информирани за превенцијата од ширењето на коронавирусот и мерките што ги преземаат надлежните институции.

Според Агенцијата, институциите треба да вложат максимални напори за што поинклузивно и потранспарентно работење, а медиумите, без исклучок, треба да известуваат професионално, одговорно и без сензационализам. Покрај ова, сите онлајн-медиуми треба да имаат објавено импресум, име на авторот на текстот и податоци за сопственоста“, повикува АВМУ.

Владата ги орфрла наводите на МАН

Од друга страна, Македонската асоцијација на новинари побара од владата да ја повлече одлуката, со која, според нив, се врши селекција на медиуми и се прават опасни преседани и обиди на создавање партиски параинституции.
Информативните портали се медиуми со еднаков статус како и традиционалните, и со доминација во индустријата на медиуми и информации, пред сите други медиуми, велат од МАН.

Владата веднаш ги отфрли наводите на МАН за наводна селекција на медиумите и појасни дека не интервернира во медиумските регистри создадени од независни регулаторни тела и професионални медиумски организации.

„Владата уште минатата година го поздрави процесот на саморегулација во сферата на онлајнмедиумите и најави дека ќе го почитува регистарот на професионални онлајнмедиуми на СЕММ и ЗНМ, исто како што го почитува регистарот на АВМУ“, се вели во соопштеноето на Владата и се додава дека во време на вонредна состојба, кога граѓаните будно ги следат вестите во живо, мора точно да се знае кој се вклучува во живо.

Исто така, владата укажа дека најавите за прес-конференции секојдневно се испраќаат до околу 700 медиумски работници, кои се членови на различни новинарски здруженија. „Никој не е исклучен, секој еден новинар, граѓански новинар, блогер, па и граѓанин, може да постави прашање“, велат од таму.

Со жестоки реакции се јавија и порталите што непосредно се засегнати од владината одлука да не можат во живо да поставуваат прашања.

И покрај нивниот непримерен говор со ерикетирања на други колеги и еснафски здруженија, Советот за етика во медиуми и Здружението на новинари на Македонија, останува на ставот дека сите портали треба да се придружат во системот на саморегулација во медиуми, како единствен начин да се направи разлика меѓу професионалните и непрофесионалните медиуми. Во заедничко соопштени СЕЕМ и ЗНМ истакнуваат дека со оглед на пандемијата со коронавирусот, тие нема да престанат да ги повикат медиумите да се однесуваат етички и да не шират лаги и со тоа да предизивикуваат паника во јавноста. 

Ширењето дезинформации може да доведе до сериозни последици

Ширењето на КОВИД – 19 е причина за голема загриженост кај јавноста, но известувањето во некои медиуми придонесува за зголемување на вознемиреноста на начин што не е етички оправдан, а ширењето дезинформации може да доведе до сериозни последици“, се вели во нивното соопштение.

Советот останува отворен да прими нови членови и со тоа преку саморегулација да се зголеми одговорноста на медиумите за етичко и проферсионално известување, како добра практика во демократски општества, која се поддржува од Советот на Европа и од Меѓународната заедница. Тие ја повикуваат јавноста да реагира на секое непрофесионално известување во медиуми преку доставување претставки во Советот и со тоа ќе спречат дезинформации во медиумите.

А кои се условите што интернет -порталите треба да ги исполнат за да се зачленат во Советот за етика во медиуми, како единствено тело за саморегулација во медиумите?

Првиот и основен услов е да го прифатат Кодекстот на новинари на Македонија, во кој се содржани основните етички принципи на професионалното новинарство. Овие принципи во целост се совпаѓат со Кодексот на новинари на Меѓународната федерација на новинари. Со членството, тие се обврзуваат да ги применат овие принципи во својата работа и во случај да ги прекршат да го прифатат и објават судот на Жалбената комисија на СЕЕМ.

Освен тоа, порталите треба да имаат импресум, каде што треба да наведат име и презиме на уредникот и на другите членови на редакцијата, како и податоци за контакт и адреса. Дополнително, објавените текстови треба да се потпишат од авторот, а доколку соддржините се преземани од други медиуми, тоа треба да се наведе почитувајќи ги авторските права. Во задолжителните услови влегува и обврската да се регистрираат како правно лице во земјата и да имаат транспаретни извори за финансирање.

Освен задолжителните услови, за зачленување во СЕЕМ, препорачливо е да се исполнат и други услуви, како што е објавувањето ценовници за реклами, да имаат македонски домеин, комерцијалните содржини јасно да ги означат како и да озбезбедат минимални кадровски и технички услови за извршување на работата.

Насер Селмани

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.